Трамп гледа „тероризам“ во Кеноша
2 септември 2020Наспроти сите молби, американскиот претседател Доналд Трамп го посети градот Кеноша, кој е потресуван од делумно насилни протести по полициските истрели врз еден Афроамериканец. Придружуван од масивно обезбедување, Трамп сакаше лично да создаде слика за уништувањата настанати при протестите. Градоначалникот на Кеноша, исто како и гувернерот на американската сојузна држава Висконсин каде се наоѓа градот, се изјаснија против посета на претседателот. Тие предупредија дека неговото присуство може дополнително да ги подгрее тензиите во градот. И двајцата не присуствуваа на настапот на Доналд Трамп.
Кеноша е потресуван од „антиполициски и антиамерикански безредија", истакна Трамп. „Насилниот џган уништил или оштетил најмалку 25 продавници, запалил јавни објекти и фрлал камења врз полицајците, тоа не е никаков мирен протест, туку внатрешен тероризам", изјави Трамп.
Милиони за безбедност и обнова
На кривичните власти во Кеноша Трамп им вети дополнителен еден милион долари федерални средства. На целата држава Висконсин ќе ѝ бидат ставени на располагње 42 милиони долари заради обебедување на јавната сигурност, додека за обновата на оштетените објекти во Кеноша се предвидени четири милиони долари.
Во својот говор Трамп не се осврна воопшто ниту на полициските истрели врз Афроамериканецот Џејкоб Блејк, кои доведоа до протестите, ни на смртта на две лица на маргините на една демонстрација. Еден бел полицаец на 23 август истрела седум куршуми во грбот на Блејк пред очите на неговите деца и тешко го рани. Во вторникот минатата недела во Кеноша беа убиени двајца луѓе кои протестирале против расизмот. Осомничен за нивно убиство и уапсен е белец тинејџер. 17-годишникот претходно се приклучил на самоназначена граѓанска одбрана, која како што тврдат од нејзините редови, имала за цел да ги штити продавниците од ограбувачите. Претседателот Трамп во понеделникот одби да го осуди односот на момчето. Тој дури сугерираше дека тоа дејствувало во самоодбрана. Критичарите го обвинуваат Доналд Трамп за целно распламтување на тензиите во земјата, за во изборната кампања да може да се инсценира како гарант на законот и редот.