1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Токио слави – ќе ја организира Олимпијадата во 2020. година

Александар Методијев/афп/дв8 септември 2013

Токио победи во трката за домаќин на Оломпијадата, и тоа вторпат. Одлуката ја донесе синоќа Меѓународниот олимписки комитет во Буенос Аирес. Јапонскиот главен град ја организираше Олимпијадата и во 1964 година.

https://p.dw.com/p/19dhN
Фотографија: picture alliance/dpa

Tокио успеа да го победи Истанбул, кој се обиде петти пат да биде домаќин на Олимпијадата, и Мадрид, кој трипати по ред поднесе кандидатура. Мадрид отпадна во првата рунда гласање. Со тоа Токио ќе биде првиот азиски град кој двапати е домаќин на Олимпијадата.

Во последните моменти, пред да се прогласи домаќинот на Олимписките игри во 2020. година, во баровите, рестораните, домовите, а посебно во Јапонскиот олимписки комитет имаше штама. Но, кога Жак Рог, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, го отвори ковертот и го прочита единствениот напишан збор – Токио, жителите на јапонскиот главен град скокнаа од радост.

Olympia Kandidatenstadt Tokio 2020
Јапонците вообичаено не покажуваат емоции во јавностФотографија: picture alliance/AP Photo

Медиумите во Јапонија покажуваат фотографии и видеоснимки на кои се гледа како Јапонците се прегрнуваат, викаат или плачат, што е крајно невообичаено јавно покажување на емоции во оваа земја.

Токио го победи Истанбул со 60 наспрема 36 гласа во втората рунда од тајното гласање.

Grafik des Olympiadorfes in Tokyo 2020 (eingestellt von nis/Joscha Weber)
Графичка презентација на изгледот на Олимпиското селоФотографија: tokyo2020.jp

„Токио е почестен со одлуката на Меѓународниот олимписки комитет да му додели организација на Олимпијадата и Параолимписките игри во 2020. година“, рече Цунеказу Такеда, претседател и на Јапонскиот олимписки комитет и на кампањата „Токио 2020“. Тој додаде дека Токио ќе направи Игри за паметење и дека во тоа ветување нема да разочара.

Јапонскиот главен град водеше интензивна промотивна кампања во која ја нагласуваше својата ефикасна инфраструктура, искуството организирањето на глобални спортски настани, како и финансиските гаранции од страна на владата за успешно организирање на Олимпијадата. Во промотивната кампања се нагласуваше и дека Токио „е еден од светски најбезбедните градови“.

Olympiastadion Tokio (eingestellt von nis/Joscha Weber)
Во Токио ќе се гради нов Олимписки стадионФотографија: Tokyo.jp

Во однос на безбедноста, јапонската влада се обидува и натаму да се справи со проблемите во затворената нуклеарна централа Фукушима, од која неодамна изтекоа нови количества на радиоактивна вода. Јапонската влада убедува дека „ситуацијата е под контрола“. Според јапонските власти, Фукушима не направила и намало да направи штета на Токио.

„Срцето ми чукаше и јас сум многу среќен. Ќе одговориме на очекувањата и поддршката за организацијата на успешна Олимпијада. Сметам дека ја пренесовме пораката дека можеме да организираме безбедна Олимпијада“, изјави јапонскиот премиер Шинзо Абе, неколку минути по одлуката за домаќинот во 2020. година.