1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешки времиња за Луфтханза

Жанг Данхонг/З.Јордановски27 март 2015

Штотуку заврши четиридневниот штрајк на пилотите, уследи падот на Ербасот А 320 на Џерманвингс. На Луфтханза, која ионака е соочена со проблеми, сега и’ се заканува и нарушување на имиџот.

https://p.dw.com/p/1ExhO
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel

Најголемата европска воздухопловна компанија Луфтханза некогаш ја биеше глас дека е точна и дека може да се има доверба во неа. Не е ни за чудење - тоа се исконски германски квалитети. Но, во меѓувреме стана прашање на среќа дали некој авион на Луфтханза ќе полета во планираното време или летот ќе биде откажан поради штрајк. Минатата недела пилотите повторно не работеа - тоа беше 12-ти штрајкачки бран во рок од само една година. Во прашањето за пензиските услови фронтовите се забетонирани, синдикатот на пилотите Кокпит се заканува со повеќегодишни штрајкови.

Неделава на компанијата и’ се случи најголемата катастрофа во 62-годишната историја - падот на Ербасот А 320 на фирмата-ќерка Џерманвингс. Претходно последна несреќа со смртни последици имаше во 1993 година, кога исто така Ербас А 320 во Варшава излета надвор од пистата, се удри во земјен насип и се запали, а две лица загинаа.

Автоматски систем „флај-бај-вајр“

Авионот за средни релации А 320 е продажен шлагер на Ербус. Освен ниските трошоци на експлоатација, него го карактеризира таканаречениот „флај-бај-вајр“ систем, со кој летот е во голема мера автоматизиран. Системот всушност треба да ги ослободи пилотите од рутинските работи и летањето да го направи уште посигурно. Но, во последно време постојано имаше проблеми со сензорите. По несреќата во известувањето постојано се провлекува и критика на сметка на тој систем - дека пилотите ги деградира на надгледувачи, со што тие ја губат летачката рутина.

Јенс Флотау, воздухопловен експерт, предупредува од преуранети заклучоци: „Ние уште не знаеме дали воопшто имало било какви проблеми кај системот „флај-бај-вајр“. Ако тој некогаш и не функционира, „тогаш е битно пилотите вистински да реагираат, да го разбират системот“, изјави Флотау за Дојче веле. Но, тој признава дека е тоа тешко кога автоматизирањето е толку сеопфатно, како кај модерните авиони.

Според овој експерт не игра никаква улога дека авионот бил користен повеќе од 24 години: „Авионите во просек се повлекуваат од употреба по 25 години оти едноставно веќе не е економично нивното натамошно користење. Но, тоа нема никаква врска со безбедноста.“

Нарушен е имиџот на Луфтханза

По разјаснувањето на причините за несреќата сигурно е дека е нарушен угледот на Луфтханза како особено безбедна авио-компанија. Дирк Шламп, експерт од ДЦ-банката, смета дека падот “ќе остави трајни штети врз репутацијата“. Освен тоа, може да биде загрозен Јуровингс- концептот на концернот за основање нова нискобуџетна фирма-ќерка .

Со години Луфтханза, концернот со жерав како лого, се наоѓа во процес на преструктуирање. За да може да и’ се спротивстави на конкуренцијата од нискобуџетните авиопревозници како Рајанер или ИзиЏет, а на долгите релации и на државно субвенционирани авиокомпании, Луфтханза сака да ги спои двете фирми-ќерки Јуровингс и Џерманвингс. Во иднина новата фирма, што ќе го носи името Јуровингс, би летала уште поповолно од Џерманвингс и на дестинации надвор од Европа. Но, по несреќата стана уште погласна критиката на таа ионака спорна стратегија.

Евтиното летање не мора да е небезбедно

Воздухопловниот експерт Јенс Флотау оспорува било каква меѓузависност меѓу евтини летови и безбедност: „Авионите на Џерманвингс се одржувани според истите стандарди, со кои се одржуваат авионите на Луфтханза. Кај нискобуџетните компании не се штеди паушално кај безбедноста.“

Се штеди кај персоналот. Така благодарение на пониските плати летовите на Јуровингс би требало да бидат за 40 проценти поповолни отколку кај Луфтханза. На пилотите на Јуровингс не се однесува тарифниот договор на концернот-мајка, туку тие заработуваат значително помалку. Тоа синдикатот на пилотите Кокпит не сака во никој случај да го дозволи. Значи, програмирани се натамошни штрајкови.