Тешки времиња во парискиот мал Ерусалим
31 август 2014Не е многу убаво, но затоа е весело и космополитско. Париското предградие Сарсел е дом на илјадници Евреи и муслимани. Оваа населба долго беше пример за мирен соживот на различни религии.
Од почетокот на војната во Газа, тука веќе нема ни трага од мирот. Насилници господарат со улиците, млади муслимани, симпатизери на Палестина, разгоруваат антиеврејски чувства. Во Сарсел одеднаш владеат насилство, омраза и страв, вели еден Евреин : „Постарите луѓе и жените веќе не се осмелуваат да излезат сами на улица. Евреите тука се плашат. Многу семејства се обидуваат да се снабдат со оружје, да се бранат ако биде потребно. Мислам дека 20 до 30 проценти од населението веќе има оружје.
Антисемитизмот речиси одомаќен во Франција
На крајот на јули маскирани момчиња дури се обидоа да го нападнат еврејскиот кварт. Кршеа излози и извикуваа антиизраелски пароли. Пламенот од бликоисточниот конфликт стигна и до предградието на Париз. Насекаде во Сарсел владее ужаснатост. Лидерите на муслиманските заедници се обидуваат да ги смират страстите. Имамите напишаа и писмо до еврејската заедница во кое меѓудругото се вели: „Поединците кои се надвор од контрола, кои го сторија ова средновековно насилство, не припаѓаат кон нас. Тие живеат на работ на општеството и немаат ни срце, ниту вера.“
Писмо - знак на помирување. Но, имамите добро знаат дека смирувањето на експлозивната атмосфера не зависи само од муслиманите.
Антисемитизмот речиси се одомаќи во Франција. Уште пред конфликтот во Појасот Газа, политичарите од десничарскиот Национален фронт разгоруваа расположение против Евреите, вели писателот Марек Халтер: „Се плашам дека наскоро ќе се создаде стратегиска интересна заедница меѓу Националниот фронт и исламистите. Ако се продлабочи економската криза и ако се спојат овие групи - стари и нови антисемити - тогаш би можело да стане особено опасно за Евреите во земјава.“
Уникатно историски создавано заедништво
Социјалистичката влада на Франција очигледно ја потцени експлозивната ситуација. Поголемиот број од хулиганите кои беснееја низ Сарсел се дојдени од други париски населби. Полицијата воопшто не беше подготвена за тоа.
Надлежната градска советничка Жан Гомез бара востановување посебна безбедносна зона за Сарсел. Вели, не смее да се загуби уникатното историски создавано заедништво.
„Најголем дел од Евреите се дојдени во Сарсел во 60-тите години, бидејќи морале да го напуштат Алжир по независноста на таа земја. Висококатниците тука се изградени за нив. Потоа дојдоа и многу муслимански емигранти. Затоа во Сарсел има многу Евреи од земјите од африканскиот Магреб, но и многу муслимани од тој регион.“, истакнува советничката.
Во еврејската зедница се плашат од нови безредија. Синагогата целосно се изолира. Таму веќе го добија писмото од муслиманските свештеници.
„Тие се искрени и се на исто мислење како и ние. Но, не е толку едноставно, оти мал број луѓе ги поддржува имамите. Всушност би требало муслиманите да одржат масовни демонстрации кои се против секакво насилство. Но такво нешто не се случи досега!“, вели Силвен Лимброзо, од управата на синагогата во Сарсел
Ништо веќе не е како порано
Сега и умерените муслимани се цел на критиката бидејќи наводно не сториле доволно да се спречи насилството во Сарсел. Но и муслиманската заедница во Сарсел се гледа себе си како жртва. Членот на заедницата Брахим Бенсидум, објаснува: „Веќе не се осмелуваме да излеземе на улица, сите покажуваат со прст кон нас. До израз пак доаѓа старото клише: Гледате, тие се’ уништија. А ние всушност сите сме родени во Сарсел!“.
Но, во Сарсел, а и во цела Франција веќе не е како порано. Се’ повеќе Евреи сакаат да заминат, порано или подоцна.
Сепак, освен екстремистите, никој тука не сака масовно иселување на Еверите. Најголемиот дел сакаат да го сочуваат Сарсел како весело и космполитско париско предградие.