1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешка "шпага" за идниот шеф на СПД

11 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AdJH
Стариот и (се' уште неофицијално) новиот претседател на владеачката Социјалдемократска партија на Германија, Герхард Шредер и Франц Минтеферинг се согласни дека процесот на реформи мора да продолжи. Но, од друга страна никој не се сомнева во тоа дека промената на челната функција веќе сама по себе ќе донесе одредени промени. Тие мора уште да бидат и доволно големи за да ги уверат скептичните меѓу приврзаниците на партијата, а сепак не преголеми за да не го загрозат целиот реформски проект. Ова претставува опасна шпага што му претстои на Минтеферинг.

Герхард Шредер смета дека со оставката на лидерската функција го отворил патот во иднина се' да биде подобро. За посредувањето меѓу партијата и владата во иднина треба да се грижи Франц Минтеферинг. Ова меѓутоа воопшто не е лесно, бидејќи веднаш по оставката на Шредер се покажаа сите разнолики, па и противречни барања. На некои започнатите реформи им се предалекусежни, на други недоволни. Назначениот нов шеф на партијата зборува за продолжување на започнатите реформи, "но без брзање". И тука е веројатно компромисната формула што ја најдоа Шредер и Минтеферинг, имено, реформскиот курс да остане, но реализацијата да се одвива побавно.

Можеби ваквото решение ќе му остави на партиското раководство доволно простор и време за уверување на членството и приврзаниците во неопходноста на реформите. Но, би било површно доколку било кој верува оти станува збор само за уверување или подобро пренесување. Во СПД реформите на здравствениот и пензискиот систем, се' едно, се доживуваат како дополнително оптоварување на "малиот човек". А СПД отсекогаш се доживуваше себе токму како заштитник на обичниот граѓанин. Затоа е огромна задачата на идниот претседател на партијата, бидејќи тој мора да ги спои новите оптоварувања со темелната позиција на партијата.

При тоа Франц Минтеферинг има секако поголеми шанси за нејзиното извршување од Герхард Шредер. За канцеларот од време на време се слуша дека тој се чувствува како "чистокрвен социјалдемократ", а проблемот е "само" во тоа што на тоа никој не му верува! За Минтеферинг такво нешто не би рекол никој. Тој располага со огромна доверба кај партиското членство, што би можело да му помогне да ја увери базата во нужноста од реформскиот курс. Тој впрочем на почетокот не ги криеше ни личните задршки во врска со реформските зафати. Во меѓувреме стана еден од најголемите заговорници, што звучи уште поуверливо за сопартијците. Освен тоа, ако само малку притисне на кочницата на забревтаниот реформски воз, големи делови од партиската база ќе му бидат многу благодарни.

Но, тоа ни од далеку не е решието на проблемот, бидејќи со таквиот чекор Минтеферинг сигурно нема да си создаде само пријатели во СПД. Министерот за стопанство и труд, Волфганг Клемент, кој е и на функцијата заменик претседател на партијата намерно остави простор за маневрирање, кога ги демантираше гласините дека сака да се повлече од партиската функција. "Таквиот чекор моментално не е на дебата", нагласи Клемент, што може да се протолкува и како закана дека може да се повлече, доколку темпото на реформските зафати стане преспоро. А Клемент не е единствен со таков став кон реформите. Затоа испитот на издржливост на германската Социјалдемократска партија ни од далеку не може да се оцени како положен.