1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тест на зрелост за Албанија

26 јуни 2009

Во недела (28.06.09) во Албанија ќе се бира нов парламент. По падот на комунизмот, изборите во балканската држава постојано беа проследени со нерегуларности и честопати засенети од насилство.

https://p.dw.com/p/Iau8
Изборен плакат во АлбанијаФотографија: DW/ Ballvora

Премиерот Сали Бериша вети дека на парламентарните избори, в недела, неговата земја ќе покаже зрелост. За првпат по крајот на комунизмот, на земјата и’ успеа да воведе централен електронски изборен регистар, кој ќе спречи двојно гласање и манипулации. На сите избирачи на време треба да им бидат издадени биометриски пасоши и лични карти. Заменик министерот за внатрешни работи Фердинанд Поне се надева на успех. „Последните денови речиси и да нема барања за лични карти, затоа што практично веќе нема државјани без пасоши или лични карти.“

Дали изборите ќе ја отворат вратата кон ЕУ?

Успешно функционирање на граѓанскиот регистар за Албанија значи и генерална проба за добивање на визни олеснувања со ЕУ. Со тоа треба да се испрати сигнал до Брисел дека Албанија наскоро ќе биде во позиција да ги почне преговорите за членство во ЕУ, по приемот во НАТО годинава. Сепак, кратко пред одржувањето на изборите се покажуваат слабости во организацијата.

Albanien Parlamentswahlen Juni 2009
АлбанијаФотографија: DW/ Ballvora

Претседателот на Централната изборна комисија, Арбен Ристани, на почетокот на неделава предупреди дека дел од локалните власти го одолговлекуваат формирањето на комисиите во изборните места. Централната изборна комисија не ги добила навреме имињата на лицата кои ќе работат во изборните локали. „Веќе пропаднаа два семинара за обука на членовите на комисиите, што ги организираше Централната изборна комисија. Мора да имате предивид дека без обучени членови на комисијата се поставува под знак прашање исполнувањето на стандардите.“

Освен ова, Ристани критикува дека некои локални управи токму во последната недела пред изборите ги преместиле изборните локали. Таквата постапка не само што е недозволива поради избирачите, туку постои опасност и изборните материјали од Тирана да не може навремено да се достават.

Колку партии настапуваат на изборите?

Иако овојпат на изборите ќе излезат 45 партии, новиот изборен систем ветува расчистување на досегашното непрегледно партиско милје. Минатата година. двете најголеми партии, владеачките демократи на Сали Бериша и опозиционите социјалисти под раководство на градоначалникот на Тирана, Еди Рама, со заеднички сили донесоа нов изборен закон. Со него се сведуваат на минимум шансите на малите партии, да станат „играчи“ во коалиционите преговори за формирање нова влада. Според набљудувачите, многу партии нема да го преживеат претстојниот легислативен период. Овојпат, речиси сите помали партии склучија предизборни сојузи со водечките големи партии. Доколку не добијат доволно гласови за сопствен мандат, тогаш гласовите добро им доаѓаат на големите партии, така што во основа на изборите си конкурираат четири големи сојузи: тука се двете големи народни партии, Демократската и Социјалистичката, предводени од Бериша и Рама. Третиот изборен сојуз носи лево-либерална ориентација и на негово чело стои Илир Мета, а четвртиот има десно-либерална програма и го предводи Дашамир Шехи. Четирите политички блокови, програмски, речиси и да не се разликуваат, но секој од нив застапува одредена група гласачи.

Albanien Parlamentswahlen Juni 2009
Парламентарни избори 2009Фотографија: DW/ Ballvora

Спроти изборите и овојпат имаше убиства, за кои не се исклучува можноста дека имале политичка заднина. На почетокот на мајл беше убиен пратеник на социјалистите. Две недели пред изборите, приврзаник на Социјалистичката партија уби активист на Демократскатал во близина на Драч. А минатата недела во северна Албанија, при екслозија на неговиот автомобил, загина пратеник од редовите на Демохристијаните. Ако не за другите, тогаш за последниот случај секако постојат сериозни сомнежи дека има политичка заднина.

Автор: Фабијан Шмит / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска