Тајна слобода на Фејсбук
3 јуни 2014Масих Алинејад седи пред воланот на својот автомобил и вози низ еден ирански град. Без шамија на главата, иако во Иран е пропишано дека жената мора да носи шамија. Досега над 380.000 луѓе ја лајкуваа нејзината страница „Тајна слобода“ (Azadiye jawaschaki). Но, тоа не е се’. Повеќе од стотина Иранки и’ испратија фотографии на кои се гледа дека и тие во јавност се без шамија. Тие на тој начин протестираат против присилното покривање и сакаат целиот свет да го види нивниот протест.
„Страницата е платформа за иранските жени на која тие можат да му покажат на светот какви се всушност“, објаснува Масих Алинејад во разговор за Дојче веле.
Во краткиот текст жените, чии имиња не се споменуваат, го објаснуваат својот краток момент на тајна слобода. Една млада жена може да се види без шамија на некои ридови. Таа и’ пишува на Масих Алинејад дека од пред неколку години живее во Лондон: „Планините никогаш не се кријат под покривки. Кога одам на планините, тогаш и јас не се кријам“. Друга жена, пак, пишува под својата фотографија, која ја покажува во пустина: „Веќе долго време чекав на вакво движење и се надевам дека таквата слобода наскоро веќе нема да биде тајна“.
Само, каква е воопшто таа „тајна слобода“, ако тоа го гледа целиот свет? Објавувањето на тајно снимените фотографии на Фејсбук делува како парадокс, но тоа сепак на многу начини во суштина ја одразува ситуацијата во Иран.
И додека многу Иранки одамна создадоа простор за своја приватност меѓу своите четири ѕида, каде можат слободно да се движат, ситуацијата во јавниот простор е значително потешка. Таму на сила е задолжително покривање.
Алинејад вели дека „со социјалните мрежи Иранките можат да го раздвојат приватниот од јавниот живот“. Но, неодамна беа уапсени шест граѓанки и граѓани на Техеран, бидејќи на Јутјуб објавија видеа на кое танцуваат на песната „Хепи“ од американскиот пејач Фарел Вилијамс. Иранките на видеото се без покривка на главата. Тие денес се слободни, откако платија кауција. „Еден ден откако се пуштени на слобода, една од уапсените жени на интернет објави своја фотографија - без шамија на главата“, вели Алинејад.
Социјалните мрежи како силна лавина
Колку и да звучи парадоксално, сепак симнувањето на шамијата во иранската јавност дефинитивно не е дозволено, но веќе и не е сосема забрането. Фејсбук нуди идеален виртуелен простор во кој можат да се тестираат неодредените граници, кои се подложни на постојани промени.
Некои од жените дозволуваат да бидат фотографирани само од грб, а мнозинството други само со очила за сонце и тоа на јавни места на кои нема луѓе. Некои се фотографирани и во метрополата, па дури и на централниот плоштад во Техеран. Фејсбук овозможува и единство со истомислениците, тестирање на реакциите на сопствените ставови и секако дебата.
Сепак, за Иранките во земјата има многу поголеми проблеми отколку што е шамијата на глава, велат некои од нив. Некои од корисниците на Фејсбук се прашуваат - дали „тајната слобода“ не е противречна?
„Како новинарка сакав да ја овозможам токму таа расправа. ’Тајна слобода’ е место на кое Иранките и Иранците се среќаваат со поинакви мислења и отворено зборуваат за тоа што приватно го мислат, чувствуваат и прават. Не мораат да се плашат од цензура. Тоа ги прави похрабри, бидејќи гледаат дека не се сами во своите размислувања и делувања“, објаснува новинарката Алинејад.
Право на среќа
Со сигурност може да се каже дека социјалните мрежи го забрзуваат протестот против присилното покривање. Страницата „Тајна слобода“ секојдневно добива нови 10.000 приврзаници. Ефектот на снежна лавина е покренат. Тоа е неверојатно за земја во која пристапот до интернет генерално, а посебно на социјалните мрежи, е ограничен од страна на владата.
Еуроњуз информираше дека пред неколку недели во Техеран протестирале повеќе стотина поборници за присилно покривање и против непочитувањето на пропишаното облекување. За ова се огласи и претседателот Рохани: „Среќата е право на нашиот народ. Не би требале да бидеме премногу строги кон однесувањето кое предизвикува радост“. А, каде претседателот го изјави ова? Па, на Твитер...