Талибанците го инфилтрирале војникот што ги уби француските војници
21 јануари 2012„Исламистичкиот Емират на Авганистан има регрутирано луѓе на значајни позиции. Некои од нив веќе ги извршија мисиите“, изјави портпаролот на талибанците Забихулах Муџахид, користејќи го другото име со кое се идентификува оваа исламистичка група.
Регионалниот командант на талибанците додаде и дека инцидентите, како видеото на кое американски маринци уринираат врз тела на убиени талибанци, ја зголемува поддршката за оваа група меѓу Авганистанците. Муџахид се закани и со нови напади.
Вчерашниот напад беше причина францускиот претседател Никола Саркози да нареди запирање на обуките, што француските трупи ги прават на авганистанските војници, а се закани и со можно предвремено повлекување на француската војска од Авганистан, која е дел од 130.000 странски трупи во земјата, што треба да се повлечат од таму до крајот на 2014-та.
Еден ден по нападот врз француските војници во Кабул допатува американскиот претставник Марк Гросман, за да разговара со претседателот Хамид Карзаи за мировни преговори со талибанците.
„САД се подготвени да помогнат на каков и да е начин на кој што можат во процесот на помирување во Авганистан, за наоѓање на мирен крај на овој конфликт“, рече Гросман. Американски фунционери оценуваат дека ако Карзаи се согласи, разговорите би можеле да се отворат за неколку недели.
Автор: Александар Методијев/ројтерс/афп
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска