1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талибанците гласаат со бомби

18 септември 2010

Парламентарните избори во Авганистан засега минуваат со најмалку 7 загинати по нападите на талибанците врз гласачките места. Властите во земјата тврдат дека изборите течат подобро од очекуваното

https://p.dw.com/p/PFSt
Авганистанци читаат заканувачка порака од талибанците пред гласачко местоФотографија: AP

Најмалку седум луѓе ги загубија животите во напади на талибанците од отворањето на гласачките места на парламентарните избори во Авганистан, а гувернерот на провинцијата Кандахар преживеа обид за атентат.

Талибанците и претходно најавуваа дека ќе сторат се за да го спречат нормалниот тек на изборите, а за свои главни цели ги определија силите за безбедност и лицата кои се директно вклучени во изборниот процес.

Најголемиот дел од жртвите досега се токму припадници на обезбедувањето на гласачки места и тоа на северот на земјата.

„Не знам што ќе сторат талибанците. Тие сакаат да ги спречат изборите. Се плашам дека би можеле да нападнат и со тешко вооружување“, вели Гулам Мухамад од Кундуз.

Северниот град Кундуз, на минатите избори, пред пет години, важеше за најбезбедно место во земјата. Но тоа веќе одамна не е случај, потврдува и гувернерот Мухамад Омар.

„Годинава дури не бевме ниту во состојба да им ја гарантираме безбедноста на гласачите. Делови од периферијата на градот се под целосна контрола на талибанците и Ал Каеда“, вели Омар.

Ризикот за граѓаните е преголем

Низ целата земја, затворени останаа околу 1.200 избирачки места. Полицијата вели дека ризикот за граѓаните е преголем, откако талибанците се заканија дека ќе го нападнат секој кој ќе излезе на изборите.

NO FLASH Wahlen in Afghanistan 2010
Фотографија: AP

Претставник на изборната комисија во земјата соопшти дека 92 проценти од избирачките места биле отворени и оцени дека излезноста е многу добра, иако одби да ја прецизира.

Во таква ситуација се чинат банални и неправилностите кои досега се појавија на изборите. Набљудувачите, чиј број е околу 7.500, јавуваат за бројни случаи на повеќекратно гласање.

Нешто повеќе од 10,5 милиони авганистанци денеска треба да изберат 249 пратеници во Народното собрание.

автор: БГ/афп/дв

редактор: Симе Недевски