1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тажни рекорди во Босна и Херцеговина

Нилс Нојберт / Елизабета М. Фиданоска12 октомври 2014

Секој втор граѓанин во Босна и Херцеговина е невработен, земјата економски е на дно. Надежи дека по изборите ќе биде подобро, речиси нема.

https://p.dw.com/p/1DT4W
Kommunalwahlen in Bosnien und Herzegowina
Фотографија: Nedim Grabovica/Klix.ba – Klix.ba

Во Босна и Херцеговина денеска (12.10) се избираат дури четворица претседатели и 13 парламенти. Покрај 13-те парламенти во различните кантони во земјата, секој ентитет дава по еден претседател. Освен тоа, свој претседател има и Република Српска.

Речиси 20 години по склучувањето на договорот во Дејтон, во БиХ никој не е задоволен од него. Компромисот што некогаш значеше крај на убивањето, сега не е во состојба да ја подготви земјата за иднина. Напротив, резултатот од поделбата на власта според етнички принцип се покажа како катастрофален за економскиот и социјалниот развој на земјата. Од принципот на праведна поделба на власта настана принцип на парализирање на власта. Пример за тоа е анегдотата на поранешната американска министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс. Таа во 2005 година сакаше да преговара со раководството на БиХ за уставна реформа. На договорениот разговор, меѓутоа, не се појави само еден претседател на државата, туку тројца - еден Србин, еден Хрват и еден Бошњак. Во своите мемоари Рајс пишува дека морала да му се обрати на секој претставник со неговото цело име и дека секој од нив имал однапред определено време за зборување. Резултатот од разговорите - нула.

Бес и улични протести

Состојбата оттогаш е уште повеќе влошена. Економски погледнато земјата е на дно. Корупцијата и сивата економија се секојдневие. Во март 2014 година бројот на невработени надмина 50%. Стапката на невработеност кај младите е дури 72%. Тажен рекорд во Европа. Граѓаните на почетокот на годинава на улични протести го искажаа својот бес против политичките структури. Демонстрантите критикуваа дека тие служат само за натамошно богатење на политичарите.

bosnien proteste sarajewo
Граѓаните на почетокот на годинава на улични протести го искажаа својот бес против политичките структуриФотографија: dpa

Една нова студија на фондацијата „Конрад Аденауер“, која има своја канцеларија во Босна и Херцеговина, е потврда за ваквиот став: 64 проценти од приходите на државата во 2014 година, според студијата, се влеале во државниот апарат „без притоа да биде изградена ниту една улица, училиште или болница“. Тоа не оди, вели босанскиот новинар Зоран Чатиќ, кој е убеден: „Ако таму стои 64%, тогаш во стварноста се 94% од државните приходи кои се влеваат директно во џебовите на политичарите“.

Помош за поплавените подрачја нема

Тој вели дека секој ден ги гледа последиците од ваквата несразмерност во издатоците на државата. Покрај својата работа како уредник на студентско радио од Сараево, тој раководи и со работилници за деца и млади во кои станува збор за посредување медиумски компетенции. Тој со нив снима кратки филмови, им дозволува да ги раскажат своите приказни и им помага да ги обработат преживеаните стравотии. Сите деца доаѓаат од региони кои беа најмногу погодени од поплавите: „Во меѓувреме од поплавите минаа месеци, многу пари од странство беа донирани за обнова на уништените куќи и улици, но во голем број места едноставно ништо не е направено“, критикува Чатиќ.

Bildergalerie Balkan Unwetter
Од поплавите минаа месеци, многу пари од странство беа донирани за обнова, но во голем број места ништо не е направено, критикува ЧатиќФотографија: Reuters/Armed Forces of Bosnia and Herzegovina

Самото ова, нагласува 44-годишниот новинар, покажува дека постоечките структури во Босна и Херцеговина спречуваат развој на земјата. И тука нема ништо да променат ниту денешните избори.