1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ помалку Горани на Косово

Рефки Алија / Симе Недевски12 мај 2014

Селата во Гора, дел од општината Драгаш, на крајниот југ на Косово се сѐ попразни. По војната од безбедносни, а сега од економски причини, многумина заминуваат на Запад или во земјите од поранешна Југославија.

https://p.dw.com/p/1By4r
Фотографија: DW

Гора е планинска област на самата граница со Албанија и со Македонија, според која жителите на овој дел на Косово го добиле името. До Орчупе, едно од 18-те села во овон регион, од Драгаш со автомобил по афалтиран пат се стигнува за околу половина час. Оржуле е село од збиен тип, типично за овие краишта. Во околу 150 куќи живеат четириесетина селани. Останатите ги затворија своите куќи и заминаа да живеат на посторите на поранешна Југославија, но и во земјите од Западна Европа.

Пред една куќа, зад селската џамија, средовечен маж од Албанија на оглав држи две магариња и разговара на мобилен телефон. Вели, чека да купи нешто во продавницата која отвора само поради него. Доаѓа жена од Орчуше, во облека карактеристична за овој дел на Косово, ја отвора продавницата, која е прилично добро снабдена.

Orcusa Kosovo Goranci
Фотографија: DW

Ѕвоното на Енвер Хоџа

„Да не ни се овие луѓе од Албанија - одамна би ја затворила продавницата. Како што гледате овде има малку луѓе. Селото донекаде се полни налето, ама тоа е само еден или два месеца. Потоа повторно е пусто. Нема никого, само празни и затворени куќи. Нема со кого да си поприкажеш. Самотијата полека не убива“, тврди продавачката Фатима.

По повлекувањето на војската на Југославија од Косово, урната е караулата во Орчуша. Мештаните од повеќе горански села од Албанија оттогаш слободно ја минуваат границата и наместо во албанскиот Кукс, на пазар одат во Драгаш. Скендер Љатифи, еден од преостанатите селани во Орчуше, тврди дека имаат проблеми со нив.

„Многу е тешко да се живее на границата. Имаме секојдневни проблеми со некои жители од албанската страна. Најмногу штета ни се нанесува на приватните поседи: шумите, добитокот, имотот. Сечат дрвја, на пример. Пред војната не беше така. Тука беше воената караула и вакви проблеми немавме. Со уривањето на караулата сѐ се промени“, тврди Љатифи.

Неговата соседка Џева Љатифи, пак, вели дека таа и нејзиниот сопруг немаат такви проблеми: „Грев е да се каже дека некој ми пречи, краде или нешто друго. Ние немаме такви проблеми. Повторно се обновуваат некои роднински врски. Се радувам дека и тоа го доживеав. Знам дека живееја многу лошо во времето на Енвер Хоџа, бидејќи во ушите ми одзвонува ѕвоното кое секој работен ден ѕвонеше во шест часот наутро. Тоа значеше дека сите мораа да одат на работа во нивните тогашни земјоделски задруги. Сега и кај нив ситуацијата е подобра и тоа ме радува“, вели оваа старица.

Orcusa Kosovo Goranci
Фотографија: DW

Со комби, на магаре или пеш

На излезот од селото, спроти потокот, поголема група жени, девојчиња, помлади и постари мажи, излегуваат од комби. На магариња товарат прехранбени и други производи, но и штици за под, кои ги купиле на пазарот во Драгаш, бидејќи беше пазарен ден.

„Нам оваа можност да го користиме патот и комбито на нашиот сосед од Орчуше навистина многу ни значи. Имавме големи проблеми кога порано моравме за секоја ситница да одиме во 30-километри оддалечениот Кукс. Сега тука ни е одлично. До Орчише стигнуваме пеш или со товарни животни, а потоа со комби заминуваме до Драгаш. Таму продаваме некои наши земјоделски производи, набавуваме сѐ што ни е протребно, а потоа со комбито се враќаме до овде“, вели Аљим Османи од селото Оргоста во албанскиот дел на Гора, додавајќи дека за ова сонувал речиси 70 години, откога знае за себе.

„На овој начин обновуваме и некои роднински врски. Повторно се запознаваме и навистина ни е многу убаво. А, уште ако се асфалтира патот до нашето село, а слушнавме дека тоа ќе се случи во 2016. година, тогаш ќе ни биде преубаво. Штета што сум малку постар и нема да можам подолго да уживам во овие поволности“, вели Аљим.

Се крате добиток, сече шума

Садик Идризи, претседател на Демократската партија Ватан, дел од бошњачката коалиција ВАКАТ и поранешен министер за здравство во владата на Косово, е свесен за ваквата ситуација. Тој вели дека поради зачестените кражби, незаштитената граница создава дополнителен притисок кај граѓаните од овој дел на општина Драгаш.

Orcusa Kosovo Goranci
Фотографија: DW

„Се краде добиток, се сече шума, што освен економски проблеми, дополнително влијае за иселување на населението. Единствен позитивен пример на таа отворена граница е што имаме малку поголема размена на стока и трговија. Нашите сонародници во Албанија сега се во контакт со нас на косовската страна. Сѐ поголем е бројот на склучени бракови, што можеби ќе ја спречи асимилацијата на Гораните во Албанија. Тоа се позитивни ефекти на долги патеки, ама во овој момент луѓето повеќе го гледаат она што е негативно, а тоа се честите кражби“, заклучува Идризи.

Ќебапчилници и слаткарници

Со бројни донации, пред сѐ со асфалтирање на сите патишта во овој регион и останатите инфраструктурни проекти, косовската влада, но и властите во општина Драгаш, настојуваат да им помогнат на жителите на Гора.

Вработувањето е посебна приказна. Многумина останаа без работата која со децении ја работеа и со тоа ги издржуваа своите семејства, кога по војната ширум Косово им беа одземени или, пак, ги продадоа своите угостителски објекти, пред се’ ќебапчилници и слаткарници. Поради тоа многумина тргнаа во туѓина во потрага по работа и подобар живот.