1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Суперлига- обид за пуч на супербогатите

Штефан Нестлер
20 април 2021

Најавата на дванаестте водечки европски клубови дека ќе основаат Суперлига, е доказ дека традиционалниот фудбал е осуден на смрт, смета новинарот на спортската редакција на ДВ, Штефан Нестлер

https://p.dw.com/p/3sIXZ
Großbritannien Schals der englischen Fußball-Premier-League-Teams
Фотографија: Alastair Grant/AP Photo/picture alliance

Над традиционалниот фудбал виси гилотината која се нарекува Суперлига. Дванаесет клубови (засега) се обидуваат да дигнат востание против Европската фудбалска федерација, УЕФА. Тоа не се било кои клубови, туку оние најдобрите од Англија, Шпанија и Италија. Големи имиња на европскиот фудбал како Реал Мадрид, Барселона, Јувентус, Манчестер Јунајтед и Ливерпул. Клубови кои веќе со години се расфрлуваат со пари како да ќе нема утре. Оние кои на своите ѕвезди им исплаќаат астрономски суми пари, а цените на трансферите за своите играчи ги дигаат до целосно ирационални висини. И кои, и покрај сето тоа, не се сити.

Што се однесува до нив, Суперлигата ќе биде лига на супербогатите, кои ќе станат уште побогати. Или клубови како Барселона, која и онака премногу го одврти инвестицискиот вентил. Касите на 15 клубови, основачи на Суперлигата, ќе се наполнат со милијарди евра- милијарди кои, меѓу другото, ги гарантираат спонзори како американската инвестициска банка ЏП Морган.

Големиот капитал и фудбалските капиталисти конечно се спојуваат, спортот останува со куси ракави. На крајот на краиштата, основачите на Суперлигата не можат да испаднат од неа. Само за петте преостанати места во Суперлигата предвидени се квалификации и испаѓање.

DW Kommentarbild Stefan Nestler
Штефан Нестлер

А што е со навивачите? Од нив, тие големи европски клубови, одамна се простија. Навивачите на трибините се веќе единствено добри за малку фолклор. Тоа што водечките германски и француски клубови не се приклучија кон обидот за пуч на најголемите клубови од Англија, Шпанија и Италија, од една страна им служи на чест. Од друга страна, нивната определба за УЕФА и Лигата на шампионите не значи дека и тие одеднаш се враќаат кон традиционалните вредности на фудбалот. И клубовите како Пари Сен Жермен, Бајерн или Борусија првенствено се комерцијални претпријатија. Договорената реформа на Лигата на шампионите и ним од 2024 година ќе им донесе значително повеќе пари затоа што ќе има повеќе клубови и повеќе натпревари.

Јазот меѓу клубовите кои играат во елитната европска лига и оние кои се надвор од неа се повеќе ќе се зголемуваат. Можеби акцијата на дванаесетте супербогати клубови со Суперлигата е само една голема димна завеса: негодувањето поради тој бесрамен обид за пуч е толку големо што никој веќе не зборува за многу спорната реформа на Лига на шампиони. А на крајот, дванаесетте бунтовници ќе се вратат и ќе станат уште побогати во новата Лига на шампиони. Без оглед што ќе се случи, традиционалниот фудбал свртен кон спортското натпреварување и навивачите, барем кога се работи за професионалниот фудбал, е осуден на смрт. Доколку веќе не е мртов.