1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последици од блокадата на Суецкиот канал

Миша Ерхард
30 март 2021

Драмата со заринканиот трговски брод Евер Гивен е завршена, сообраќајот низ Суецкиот канал повторно е воспоставен. Последиците од блокадата меѓутоа ќе се чувствуваат уште долго.

https://p.dw.com/p/3rNAF
Weltspiegel 30.03.2021 | Ägypten | Ever Given freigelegt und wieder auf Fahrt
Фотографија: Suez Canal Authority/REUTERS

Бродот колос Евер Гивен се придвижи и по една недела е завршена блокадата на Суецкиот канал, кој е една од најважните трговски рути во светот. Бродовите кои чекаа за да го поминат каналот уште на првите вести за успешното придвижување на Евер Гивен реагираа со концерт од бродските сирени. Браншата на бродски превоз може да здивне.

Сепак, последиците од застојот, иако колоната од бродови во претстојните денови полека ќе се намалува, ќе се чувствуваат и натаму. „Мислам дека последиците ќе ги чувствуваме уште неколку недели“, вели Винсент Штамер, трговски експерт во Килскиот институт за светска економија. „Колоната веќе сега е екстремно долга. Ќе биде потребно најмалку една недела додека бродовите да стигнат до пристаништето во Хамбург или другите пристаништа во северна Европа.“

Ägypten - Suez Kanal: Schiff Ever Given blockiert Schiffverkehr
За да поминат сите заглавени бродови ќе бидат потребни околу шест деновиФотографија: Planet Labs Inc./AP/picture alliance

Од двете страни на Суецкиот канал има повеќе стотици бродови. Освен тоа, уште 300 бродови чекаат на влез во Црвеното Море или во Средоземјето. Сликовито кажано, „отчепувањето“ на каналот ќе доведе до бран бродови кои ќе почнат да се слеваат кон целните пристаништа.

Сето тоа ќе доведе до нови колони пред пристаништата, зашто тие не се во состојба да ја завршат целата работа за кратко време. Имено, поради пандемијата, меѓународниот бродски товарен сообраќај трпи загуби, па бродските компании и другите логистички претпријатија мораа да ги намалуваат капацитетите. Сега, со помалку капацитети, но и поради тоа што нема доволно место за брз истовар и утовар на стока на голем број бродови, ќе има нов застој. Во некои пристаништа во САД, на пример, бродовите веќе сега чекаат со денови додека бидат растоварени или натоварени со нова стока. Сега, со тоа што Суецкиот канал е повторно прооден, времето на чекање ќе се зголеми.

Повеќе:

Тромбоза во артериите на светската економија

Фотографија на денот: Ослободен бродот „Евер Гивен“ во Суецкиот канал

Блокираниот Суецки канал и светската економија

„Сето тоа нема да доведе до празни полици, но ќе доведе до зголемување на цените“, прогнозира економистот Андреас Шерле од Дека Банк. „Тоа ќе биде непријатно, зашто во моментов и онака има загриженост од инфлација на пазарите на капитал.“ И драстично зголемените трошоци за превоз на крајот ќе бидат почувствувани од крајните потрошувачи. Цените се под притисок и поради тоа што побарувачката се зголемува. Со кампањите на вакцинирање ширум светот се осветли и перспективата за иднина, па во многу земји повторно почна производство со зголемен капацитет. А, со оглед на тоа што луѓето сѐ уште имаат ограничувања на многу свои активности, тоа даваат повеќе пари за производи кои може да ги нарачуваат преку интернет од цел свет.

Ägypten Schifffahrt im Suezkanal
Речиси сѐ што се транспортира по поморски пат помеѓу Европа и Азија, поминува и низ Суецкиот каналФотографија: Yan Liang/Xinhua/Zuma/picture alliance

Голем дел од тие производи доаѓаат од фабрики во Кина, односно Азија: тестови за коронавирус, мебел, електроника, облека, автомобилски делови, детски играчки, плишени животни... Огромен број од овие производи, ако веќе не се заглавени во Суецкиот канал, во моментов пловат по светските мориња. „Речиси сѐ што се транспортира по поморски пат помеѓу Европа и Азија, поминува и низ Суецкиот канал“, објаснува Винсент Штамер. Според неговите пресметки, 98% од испораките за и од Азија минуваат преку поврзницата помеѓу Црвеното Море и Средоземјето.

Најголемата светска бродска компанија која се занимава со контејнерски превоз - Маерск, проценува дека блокдата на Суецкиот канал ќе биде проблем со кој меѓународниот бродски превоз ќе се занимава со месеци. Шест денови се потребни само за сите досега заглавени бродови да го поминат каналот. Со тоа, меѓутоа, тие ни оддалеку не се стигнати до својата цел, а камоли стоката која ја превезуваат да е истоварена и натоварена нова.