1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судир на полицијата и демонстрантите за случајот „Монструм“

ЖА/дпа/миа4 јули 2014

Илјадници етнички Албанци во македонскиот главен град Скопје денеска (04.07) се судрија со полицијата. Протестот е организиран против долгогодишните затворски казни за шестмина Албанци за убиство на петмина Македонци.

https://p.dw.com/p/1CVze
Фотографија: Petr Stojanoski

Демонстрантите тврдат дека процесот „Монструм“ е политички мотивиран и дека не понудил никакви докази за извршеното злосторство. Полицијата употреби водени топови, шок бомби и солзавец против насобраната толпа претежно млади луѓе, а тие кон полицајците фрлаа со камења и палеа контејнери за смет.

Протестот за донесената пресуда за шестмината обвинети за петкратното убиство кај Смилковското Езеро не беше најавен во МВР. Демонстрантите се собрале преку социјалните мрежи.

Од Основниот суд Скопје 1 - Скопје информираа дека за време на протестот кој попладнево се одржа на повеќе места во главниот град, меѓу кои и пред Кривичниот суд, оштетени се неколку прозорци на зградата, но не е повреден ниту еден вработен во судот.

Protest in Skopje, Mazedonien, gegen lebenslange Haftstrafen für Albaner
Фотографија: Petr Stojanoski

„Вработените останаа на своите работни места и професионално си ги извршуваа своите работни задачи и покрај недоличното однесување на граѓаните кои излегоа на таканаречените мирни протести. За инцидентот е информирано Министерството за внатрешни работи, а материјалната штета дополнително ќе се проценува“, стои во соопштението од Основниот суд Скопје 1.

Според првичните информации, најмалку двајца се приведени од полицијата. Демонстрантите по попладневната молитва тргнаа од кај комплексот Чаирчанка, организирани преку социјалните мрежи, на протести против максималните доживотни затворски казни за шестмината обвинети во случајот петкратно убиство на Смилковското езеро.