Судбински момент за Европа
23 јуни 2016Цела Европа гледа вкочането и се надева. Се надева дека Британците ќе останат во ЕУ, дека референдумот за брегзит на крајот ќе помине среќно. Цела Европа се надева? Се разбира дека не. Противниците, скептиците, непријателите на европскиот клуб се надеваат на „leave“ (заминување, н.з.). Зашто, ако Британците се разведат од ЕУ, тогаш тоа ќе биде сигнал - за евроскептичните влади, но пред сѐ за партиите кои се непријателски настроени кон ЕУ, како Националниот фронт во Франција, или Слободарската партија на Герт Вилдерс во Холандија. Во таа смисла, треба само да се потсети: во двете земји, основачи на ЕЕЗ, на референдум беше отфрлен првиот предлог устав на ЕУ. Со голема веројатност двете партии во двете земји ќе се обидат исто така да извршат притисок за референдум околу членството во ЕУ. Исходот од таквите референдуми - повеќе од неизвесен.
Реформирање на ЕУ е итно неопходно
Значи, се надева речиси цела Европа. Поточно речено - нагласено разумната Европа. Таа меѓутоа сепак знае дека дури и Велика Британија да остане во ЕУ, реформи се итно неопходни. Одговорот на британското „remain“ (останување, н.з.) прво ќе биде огромна воздишка на олеснување. Потоа, меѓутоа, ЕУ мора да почне да размислува како да ја надмине делумно длабоката недоверба „против оние во Брисел“. Смислата и ползата на ЕУ мора повторно да стане појасна.
На чувството дека европската политичка класа делува како надмена елита, не смее да се одговара со вообичаените флоскули „повеќе Европа е понеопходна од кога и да е досега“. Напротив, критиката со факти за аномалиите во ЕУ и во Брисел - кај Комисијата, Парламентот и Советот - мора да се сфати сериозно. На ЕУ ѝ е неопходна реформа и таа на граѓаните мора да им даде чувство на заедништво.
Има многу причини зошто за Велика Британија е подобро да остане во ЕУ. И има многу причини зошто за ЕУ е подобро Велика Британија да остане како членка. Во светската политика Велика Британија без ЕУ и ЕУ без Велика Британија би играле во најдобар случај споредна улога на глобалната сцена. Унија без влијанието на Британците би била без сомневање помалку прагматична, помалку либерална, помалку отворена кон светот и помалку пазарно веродостојна, отколку што ЕУ е во моментов. А, Германија би го загубила својот најважен партнер кога се работи за тоа ЕУ да не се сфаќа само како машина за пренасочување пари.
Политичка тврдоглавост
Како и да заврши референдумот, едно е веќе сега сигурно: британскиот премиер Камерон исклучиво од внатрешнопартиски причини - за да ги смири скептиците во својата конзервативна партија - сакаше и се осмели на референдум. И, со тоа ја втурна ЕУ во судбинска криза. Тој ги разбуди токму оние евроскептични духови од кои всушност сакаше да се ослободи. Тој ја стави судбината на својата земја и на целата ЕУ во рацете на еден бесмислен и сосема непотребен референдум. Дури и ако Британците одлучуваат прагматично и разумно, како што се надеваат многу држави на ЕУ, Камерон направи пукнатина во својата земја. И ги доведе фундаментите на ЕУ до границата на издржливост. Оттука, одлуката за референдум беше глупост. А исклучително емоционалниот тек на претходните недели - сѐ до убиството на британската пратеничка Кокс - само го потенцираше ставот дека вакви комплексни прашања се за во парламентот, но не за референдум.