1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Странци и починати на конкурсот за проекти од културата

ДТЗ
16 февруари 2022

Филтерот го поминаа 3.769 валидни пријави, а за поддршка на проектите ќе бидат издвоени над една милијарда денари.Предност и се дава на домашната „жива култура“

https://p.dw.com/p/4789Y
"Don Juan" nach Moliere
Фотографија: Vladimir Fedorenko/Sputnik/picture alliance/dpa

Со стари проекти, со еден автор во повеќе улоги, со пријави од странски државјани, како и со потписи од починати лица и годинава бројни апликанти се обиделе да ги изиграат институциите и да добијат парична поддршка од Министерството за култура. Филтерот го поминаа 3.769 валидни пријави, а за поддршка на проектите ќе бидат издвоени над една милијарда денари.

Годинава за првпат на конкурсот се аплицираше електронски. Со оглед на тоа дека две третини од апликациите биле со технички пропусти, рокот за аплицирање се пролонгираше.  

„За жал има пријави кои не го задоволуваат ниту насловот на Конкурсот, но ние и добрите и лошите примери ги земаме како искуство за подобрување на годинешните конкурси“, вели министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. 

Предност за домашната ’жива култура‘ 

Најмногу буџетски средства од годишната програма се издвоени за музичка дејност, по што следуваат издавачката и драмската дејност. „Дадена ѝ е предност на домашната ’жива култура‘. Запазени се и другите приоритети – поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби“, вели министерката. 

Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители кои досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура. Исто така, при селекцијата на проектите, комисиите воделе сметка и за правичната застапеност по етничка основа. Поддржани се и голем број проекти во кои до израз доаѓа интеркултурноста. Се водело сметка и за родовата рамноправност.  

Нов конкурс - стари манири 

Но, многумина не ги почитувале условите, па се обиделе да се протнат со стари проекти, кои веќе биле реализирани или пак поддржани од Министерството за култура. Некои барале премногу пари, а имало и проекти на кои стоеле потписи на странски државјани, но и на починати лица.

„Комисиите, во своите извештаи, посочуваат и на повторување на старите манири на дел од апликантите – од барање безобѕирно високи суми до конкурирање со стари, реализирани или веќе поддржани проекти од Министерството за култура, ист автор пријавен во повеќе улоги во повеќе проекти и покрај потпишаната изјава дека конкурира со еден проект, пријави од лица кои не се наши државјани; до потписи на починати лица или на лица кои воопшто не знаеле дека се предложени во некој проект“, посочи министерката.

За разгледување на пристигнатите пријави на годишниот конкурс беа формирани повеќе комисии за сите дејности.