Српските граѓани не веруваат ни во власта ни во опозицијата
11 април 2019Прво во Белград, а потоа и низ останатите градови во Србија, во сабота протестираат граѓаните низ улиците. Демонстрациите од страна на медиумите блиски до власта редовно се опишувани како платенички проект на одделни опозициски и тајкунски фигури. Од друга страна, опозицијата собрана во Сојузот за Србија се обидува да профитира од протестниот потенцијал, што судејќи според испитувањата на јавното мислење, не ѝ успева.
Подобар увид во мотивацијата на граѓаните дава истражувањето кое на крајот на март на јавноста ѝ го претставија фондацијата Фридрих Еберт и СеКонС групата за развојна иницијатива (SeConS). Спред нивните наоди, мнозинство од граѓаните кои протестираат нема доверба во опозицијата, а не сака ни ваква власт.
Директорот на белградската Фондација Фридрих Еберт, блиска до германската социјалдемократија, Макс Брендле, за ДВ од истражувањето ја издвојува продемократската мотивација на протестите: „Граѓаните сметаат дека демократијата во Србија е во многу лоша состојба, од можни 10, оценката изнесува само 2,1. На улици излегува српската средна класа загрижена за демократијата во земјата“. Дури 77 проценти од граѓаните во протестите се повикуваат на граѓанскиот отпор кон Милошевиќ од 90-те години.
Против естаблишментот
Партнер на германската фонадиција во истражувањето беше СеКонС, независна организација на експерти основана во 2005 година, со цел да придонесе кон долгорочен социо-економски развој и подобрување на животните услови на поединците и општествените групи во Србија и во регионот. Директорот на истражувањето во оваа организација, Слободан Цвејиќ на презентирањето на резултатите изјави дека протестите се насочени против политичкиот естаблишмент, против претходните и актуелната политичка елита. За ДВ тој го прецизира исказот: „Контролата на медиумскиот простор од страна на сегашната власт, корупцијата во нејзините редови и желбата за смена на сегашната власт се директно истакнати, реакцијата на претходните режими се јавува посредно, низ подетално испитување на политичкиот профил на учесниците на протестите“.
Дури 77 проценти од учесниците имаат факултетска диплома или студираат, речиси половината ( 43%) се помлади од 30 години, а дополнителни 37 насто се во старосно доба до 50 години. Тогаш не чуди што интернетот придонесе за омасовување на протестите.
Кој ќе ги предводи протестите?
Истражувањето констатира дека протестите попримаат облик на општествено движење и имаат изгледи да потраат. Притоа за Макс Бредле главно отворено прашање е односот на опозициските политички партии и граѓаните: „Неизвесно е дали Сојузот за Србија ќе успее динамиката на протестите да ја претвори во политички капитал, како и кој ќе преовладее внатре во Сојузот, демократското крило или крајната десница“.
Бредле дополнува дека истражувањето сепак јасно покажува дека најголем дел од граѓаните кои мирно протестираат не се симпатизери на крајната десно-политичка групација Двери. Дури 55,6 проценти од демонстрантите не се политички определени. Апсолутно мнозинство не гледа никого на политичката сцена кој би ги застапувал нивните интереси.
Се поставува логично прашање: дали постои можност ова општествено движење самостојно политички да се артикулира и тоа покрај опозицијата? Слободан Цвејиќ одговара: „Да, на пример ако Граѓанскиот фронт успее организационо да одговори на овој предизвик, мислам дека би имал одлична шанса да се појави како нова политичка сила. Не мислам дека тоа би се вршело преку дистанцирање од опозицијата, посебно не преку конфликт со неа, некој вид соработка со некои од опозициските партии би била корисна за Граѓанскиот фронт, но има простор тој да биде самостојна политичка опција“.
Граѓанскиот фронт е политичка групација која ги собира локалните иницијативи. Нивна цел е мобилизација на граѓаните против недемократско одлучување за животните прашања во Белград, Панчево, Краљево и други градови низ Србија.
На што се надеваат побунетите граѓани?
На прашањето кои се очекуваните цели на протестите, најмногу учесници веруваат дека во краток или подолг рок тие ќе доведат до зголемување на медиумските слободи (65%), до смена на власта (62%) и до поголема демократија (58%). Слободан Цвејиќ во поглед на резултатите е изненаден од многу ниската поддршка кон било која од опозициските партии, но и од „јакиот протестен идентитет, односно идентификацијата со протестите од 1990-те и со неодамнешното движење Не го даваме Белград и Протестите против диктатурата“.
Повеќе:
Србија - војна на нерви меѓу власта и опозицијата
Србија: Малку играње шах, малку привикување граѓанска војна
Србија: Што сака да постигне опозицијата со ултиматумот до Вучиќ?
Но, најзначајниот придонес на истражувањето тој го гледа во создавањето база на факти за разбирање на протестите: „Потребни се уверливи податоци за правилно да ги разбереме целите и политичката ориентација на учесниците, а со самото тоа и општествената улога и максималниот политички досег на овие протести“.
Директорот на белградската канцеларија на Фондацијата Фридрих Еберт, Макс Брендле го сумира своето видување на резултатите од истражувањето: „Ако се земе во превид урнисувањето на демократските институции во последните неколку години, со овие протести демократската култура на Србија дава знаци на живот“.