Србија ќе има проблеми поради Николиќ?
3 јуни 2012Не се работи само за вистинското лице на Николиќ, како што наведуваат, туку тоа е вистинската политика на Србија, оти досегашната, која ја водеше претседателот Борис Тадиќ, била дволична. Првиот ден по преземањето на должноста, претседателот на Република Србија Томислав Николиќ уште еднаш, по изјавата дека Вуковар е српски град и дека Хрватите немат што да бараат таму, го вознемири целиот регион. Изјавата дека во Сребреница немало геноцид, прв ја коментираше претседателот на Претседателството на БиХ Бекир Изетбеговиќ, кој рече дека таа е невистинита и навредлива за Бошњаците, пред се’ за преживеаните жртви на геноцидот во Сребреница.
Соочување со военото наследство
И аналитичарите се согласни во оценката дека последната од низата изјави на Николиќ е уште „потешка“ од онаа за Вуковар, како српски град, што само покажува дека Николиќ не расчистил со минатото. Професорот на Филозофскиот факултет во Сараево Енвер Казаз вели дека Николиќ има огромно десничарско наследство, уште повеќе што беше војвода на Шешељ и учесник во војната. Во такви услови не може да се очекуваат поинакви пораки од Николиќ, при што, како што вели ниту Борис Тадиќ никогаш не ја соочи Србија со минатото.
„Николиќ е само отворен Тадиќ, од него можеме да очекуваме да биде искрен. Додека Тадиќ беше лицемерен, Николиќ е искрен. Во ваков контекст регионот ќе мора да го прифати Николиќ и со него да комуницира на отворена политичка основа. Со Тадиќ никогаш не знаевте каде сте. Тој не ја соочи Србија со военото наследство“.
„Николиќ неможе да излезе од старата матрица“
Дел од јавноста во Србија смета дека Николиќ се’ уште не расчистил дали е претседател на партија или шеф на државата. Политичкиот аналитичар Александар Попов вели дека поради тоа Србија има „шизофренична политика“ во која од една страна се залага за соработка, а од друга страна пропагира ставови, како оние за Сребреница, кои предизвикуваат страшни реакции во регионот.
„Сега е прашање што ќе надвладее. Јас имам впечаток дека тој сака да го покаже својот државнички став и дека може да биде претседател на сите граѓани и да ја претставува Србија, но воедно неможе да излезе од старата матрица во која беше до сега. Искрено се надевам дека ќе преовлада она првото, но него постојано ќе го прати улогата од 90-тите години.“
Николиќ пред да ја положи заклетвата изјави дека „Вуковар е српски град“, што предизвика силни реакции во Хрватска. Претседателот на Хрватска Иво Јосиповоќ изјави дека секој кој сака да има партнери и пријатели во Европа „мора еднаш за секогаш да ги напушти идеите за четништво и идеите за експанзија“.
Политичкиот аналитичар од Загреб Давор Гјенеро проценува дека наредниот период политиката на новиот српски претседател би можела да оди во истиот правец: „При тоа најлоши се оние изјави, кои се изречени непосредно пред изборот, за Вуковар како српски град во кој Хрвтите не треба да се враќаат. Потоа беше стравотна изјавата за историски ревизионизам, во кој се негира геноцид кој беше спроведен над Бошњаците во БиХ, кој за Сребреница барем формално го признаа меѓународните институции. Тоа значи дека Србија ќе има големи проблеми со својот претседател, чии изјави треба дополнително да се толкуваат“.
Соочување со минатото
Професор Енвер Казаз предупредува на фактот што ниту Борис Тадиќ никогаш не изјави дека во Сребреница беше извршен геноцид, а Собранието на Србија во декларација го осуди злосторството повикувајќи се на пресудата на судот во Хаг, без да има јасна определба за геноцид.
„Сега е интересно, Тадиќ можеше да се прифати, а не го изговори тој збор, а Николиќ неможе да се прифати, а во суштина го кажа истото што го кажа и Тадиќ. (...) Регионот по вакви изјави треба да си погледне в лице и да го примора Николиќ и себе си да се соочат со трауматичното минато“.
Професорот на Филозофскиот факултет во Бања Лука Миодраг Живановиќ е уверен дека во случајот со Николиќ и неговите последни изјави се работи за „растргнатост на Србија меѓу две идеологии“. Првата е радкалната идеја на Томислав Николиќ, а втората е политката на Борис Тадиќ. „Едноставно двајцата се метафора или слика за таа шизофренична поделеност на целокупното општество во Србија“, заклучува Живановиќ наведувајќи дека целиот регион, додека се решаваат овие проблеми ќе биде само набљудувач.