1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија ја очекува мачна изборна кампања

Ивица Петровиќ
5 март 2020

Изборите во Србија ќе се одржат на 26 април. Дел од опозицијата уште претходно најави бојкот, па остануваат само две непознати - колкава ќе биде излезноста и кој воопшто може да го помине цензусот?

https://p.dw.com/p/3Ytyh
Serbien | Aleksandar Vucic
Фотографија: imago/Pixsell

Претседателката на Собранието на Србија Маја Гојковиќ и српскиот претседател Александар Вучиќ ги распишаа локалните и парламентарните избори за 26 април и на тој начин всушност е означен почеток на предизборната кампања. На распишувањето на изборите претходеше повеќемесечна напната комуникација меѓу власта и опозицијата, беше организиран и дијалог меѓу нив со посредување на ЕУ, но сето тоа не доведе до некои битни резултати.

Дел од опозицијата остана цврсто на идејата за бојкот на изборите, тврдејќи дека во Србија не постојат услови за фер и чесни избори, додека власта со некои ситни козметички промени се обиде да ја увери домашната и странската јавност дека Србија се придржува кон демократските страндарди кога станува збор за организирање на изборите.

Легитимно или нелегитимно

Политичкиот аналитичар Милан Николиќ за Дојче веле вели дека „Вучиќ и неговата партија тргнуваат на избори очекувајќи тие сепак да бидат легитимни, додека дел од опозицијата се обидува да ја одземе таа легитимност со бојкот на изборите. Ако се погледне објективно, опозицијата е во право кога тврди дека не може рамноправно да учествува на изборите“, смета Николиќ.

Но, од друга страна тој наведува дека „истражувањата на јавното мислење покажуваат дека рејтингот на владејачката партија е преку 40 проценти, па мислам дека Вучиќ најверојатно би победил и да се согласеше на сите опозициски услови. Затоа е чудно што тој не го направи тоа, зашто очигледно во овој момент ја има природната предност - симпатиите на граѓаните.“

Две непознати

Политикологот Бобан Стојановиќ смета дека сега „најголема непозната е кој воопшто, освен листите на Српската напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ и Социјалистичката партија (СПС) на Ивица Дачиќ, и националните малцинства, ќе успее да го премине цензусот. Од друга страна, партиите кои бојкотираат сега би требало да ја засилат кампањата за убедување на граѓаните да не излезат на гласање. Тоа се практично единствени непознати: колкава ќе биде излезноста и кој ќе се најде во парламентот“, истакнува Стојановиќ за Дојче веле.

Das Serbische Parlament verurteilt das Massaker in Srebrenica
Најголема дилема: кој воопшто ќе успее да влезе во парламентотФотографија: picture-alliance/dpa

Делот од опозицијата кој ги бојкотира изборите е оптоварен со бројни проблеми, зашто очигледни се поделби во самата опозиција околу идејата за бојкот на изборите. Опозицијата би сакала да учествува на локалните избори во Шабац и Параќин, каде би се обидела да ја задржи власта, но остатокот на опозицијата смета дека тоа ја разводнува идејата за бојкот.

Несложни во бојкотот

Милан Николиќ забележува дека „не е јасно кои се намерите на опозицијата откако ќе поминат изборите. Се навестува некој вид граѓански отпор, но не знаеме каде, како и во која мерка. Таа граѓанска непослушност може да води и до некои судири на улици, што се надевам дека никој во Србија не го сака“, напоменува Николиќ. 

Бобан Стојановиќ од друга страна укажува на фактот дека дијалогот на власта и опозицијата не донесе никакви резултати: „Власта го намали цензусот на три проценти и тоа го направи само за да се намали ефектот на бојкотот. Се` друго остана непроменето, и натаму имаме функционерски кампањи, имаме хорди на СНС кои имаат лични податоци на граѓаните и ги посетуваат и испитуваат дали ќе гласаат или не, секојдневно имаме и притисоци врз избирачите и изјави на луѓе кои тврдат дека им се вршат закани со отказ доколку не соберат потписи“, наведува Стојановиќ.

Нови лица без ефекти

Како прилог кон оваа тема може да се додаде и изјавата на Александар Вучиќ дека „партиските активисти ќе се обидат да соберат потписи за едно попладне, и тоа далеку повеќе од потребните 10.000 потписи, за уште утре да ги предадат во Републичката изборна комисија“. Вучиќ исто така нагласи дека ќе има „тектонски промени на листата на СНС и дека ќе има доста млади и нови лица.“ 

Повеќе: 

Србија се бори против намалувањето на населението

Србија: Да се поправат односите со Москва, а да не се расипат со Западот

На Србија и се заканува внатрешен конфликт

Меркел залудно бара алтернатива за Вучиќ

Бобан Стојановиќ е на мислење дека „неколку нови млади лица во парламентот или во локалните управи нема ништо битно да променат, зашто сите одлуки и натаму ќе се носат во кабинетот на Вучиќ. Не очекувам некои промени во клучните ресори на српската влада, зашто министрите со најбројни афери ќе останат на своите позиции“, оценува Стојановиќ.  

Негативна кампања

Претседателот на Србија нагласи дека ова ќе биде една од најдолгите предизборни кампањи и дека ќе „има доволно време сите да ги претстават своите програми. На сите им посакувам успех, сега не можам да зборувам како партиски функционер“, изјави Вучиќ во текот на обраќањето во зградата на Претседателството. Во однос на самата кампања, Вучиќ смета дека „секако ќе има повишени тонови и страсти, секогаш ги имало, но важно е се` да протече во демократска атмосфера и во мир.“

По тој повод, Милан Николиќ за Дојче веле истакнува дека „најверојатно не` очекува валкана и грда кампања. Таа веројатно ќе доведе до уште поголем раскол меѓу режимот на Вучиќ и опозицијата. Влегуваме во тешка кампања која сигурно доста ќе ги замори граѓаните на Србија и на некој начин ќе им се згади од политиката“, оценува Николиќ.

Сличен став има и Бобан Стојановиќ, кој смета дека „кампањата ќе има можеби и позитивни моменти, но главно ќе биде негативна и мачна за сите српски граѓани“.