1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија - шпага меѓу Истокот и Западот

Немања Рујевиќ/ Симе Недевски15 ноември 2014

Српската влада е во расчекор: сака да и‘ пристапи на ЕУ, без притоа да ја разлути Русија. Од утрешната посета на германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел, Белград се надева на разбирање за ваквата двојна стратегија.

https://p.dw.com/p/1Do09
Фотографија: DW/Nemanja Rujević

Во моментов многу странски политичари го посетуваат српскиот главен град Белград. На почетокот на октомври дојде рускиот претседател Владимир Путин а следуваа францускиот премиер Мануел Валс, шефовите на црногорската и на романската влада, како и норвешкиот престолонаследник. Потоа во Белград пристигна и албанскиот премиер Еди Рама - историска посета, прва на еден албански премиер по речиси 70 години. Утре (16.11) пак во Србија доаѓа и германскиот министер за економија и вицеканцелар Зигмар Габриел во придружба на голема стопанска делеганција.

Шареноликоста на посетителите е одраз на расчекорот во српската надворешна политика. Од една страна Белград сака добри односи со Москва и на сопствените гласачи да им покаже колку Србија е важна на меѓународниот паркет. Истовремено земјата сака да се презентира себеси како ученик за пример на ЕУ и пријатен сосед на Балканот, регионот кој важи и натаму за „буре барут“ во Европа.

Putin in Belgrad mit Vucic 16.10.2014
Фотографија: Reuters/Marko Djurica

Во ваква констелација, доаѓањето на Габриел во Белград е далеку повеќе од само работна посета на еден министер за економија од Западот. Во Србија, имено, владее убедување дека пристапните преговори на една земја со ЕУ, можат да започнат дури откако Берлин ќе даде зелено светло. Желба на Белград е тие разговори да започнат веќе во декември.

Тешкиот среден пат

Обидот во полето на тензии меѓу Истокот и Западот да се остане неутрален е единствената разумна опција за српските политичари, смета новинарот и експерт за Балканот, Андреј Ивањи. Во минатото руските милијарди во повеќе наврати ја спасија Србија од банкрот. „Во моментов никој не е во состојба да го замени економското присуство на Русија“, потенцира Ивањи.

Истовремено на Србија ѝ е потребна економска соработка со Брисел како и инвестиции од ЕУ. „Без поддршка. како од Брисел, така и од Москва, земјата економски ќе колабира“, уверен е Ивањи. Според проценките, стапката на невработеност во земјата изнесува околу 26 проценти, при што повеќе од половина од младите луѓе се без работа. Во земјата има повеќе пензионери отколку вработени, просечната месечна плата изнесува околу 400 евра нето. Работата на црно и корупцијата цутат.

Edi Rama und Aleksandar Vucic in Belgrad 10.11.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

И на политички план владата во Белград се обидува да направи шпага меѓу Истокот и Западот. За време на анексијата на украинскиот полуостров Крим од страна на Русија, владата на премиерот Александар Вучиќ одбра среден пат: Србија го признава целосниот суверенитет на Украина, но не сака да им се приклучи на европските санкции против Москва.

Ваквата позиција беше критикувана од повеќе европски политичари. Смее ли еден кандидат за членство во ЕУ да си дозволи такво нешто? „Смее“, одговара децидно Дитмар Нитан, пратеник во германскиот Бундестаг од редовите на Социјалдемократската партија. „Сите ние знаеме каква е економската ситуација во Србија и колку посебни се односите со Русија, и би било лицемерно ако сега на Србија и‘ се наметнува да биде индикатор за тоа како една земја треба да се однесува кон Русија“, вели Нитан за ДВ.

Од европска гледна точка, далеку поважна е нормализацијата на односите со Косово. Поранешната српска јужна провинција во 2008 прогласи независност и во меѓувреме Косово е признато како држава од преку 100 земји - меѓутоа не и од Србија. Под притисок на ЕУ и повеќе рунди преговори меѓу водечки претставници на двете земји, постигнати се повеќе билатерални договори.

„Косовскиот бонус“

Со прагматизмот околу темата Косово, Вучиќ на меѓународната сцена се презентира како мирољубив политичар. Но со неговата земја владее автократски. Оние малку преостанати независни медиуми го означуваат како „путинизиран“ европски властодржец, покрај Виктор Орбан во Унгарија, Реџеп Таип Ердоган во Турција и Виктор Понта во Романија.

Меѓу другото и во Србија се ставаат под притисок критички настроените новинари и се острануваат од јавната сцена. Така, во последно време беа укинати повеќе омилени ТВ-емисии, меѓу нив и прочуеното ток-шоу „Впечаток на неделата“. Одговорната новинарка Оља Бечковиќ изјави дека премиерот претходно лично ѝ се изнавикал преку телефон. „Државата на овој начин ни покажува дека не сака да остави простор за општествена критика“, истакнува Вукашин Обрадовиќ, претседателот на најголемото новинарско здружение во земјата - НУНС. „Јасна цел е да се заплашуваат новинарите“, изјави Обрадовиќ за ДВ.

Merkel und Vucic im Bundeskanzleramt 11.06.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот социјалдемократ Нитан признава дека Вучиќ на Западот во моментов ужива еден вид „косовски бонус“. „Постоеше голема загриженост дека со Вучиќ на чело на српската влада би можело да дојде до назадување во односите кон Косово. Сега моравме да констатираме дека Вучиќ им припаѓа на конструктивните сили. Овој бонус, меѓутоа, не е за навек и мора секогаш одново да се одработува - исто така и во областите на слободата на печатот и на владеењето на правната држава“, истакнува Нитан.

Српскиот новинар Ивањи не е убеден во тоа. Во Берлин и во Брисел, вели тој, на Србија не се гледа изолирано, туку само како дел од регионот. А таму Србија игра важна улога: Белград може да ги смири проблемите на Косово, но и да ги унапреди односите со БиХ и со Хрватска. „Сѐ додека Србија ја игра улогата на стабилизирачки фактор, сѐ друго ќе им биде помалку важно на Европејците - на пример дали воопшто има опозиција или слобода на медиумите во земјата“, смета Ивањи.