1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија повторно меѓу неврзаните

31 март 2011

Дел од политичкиот естаблишмент во Србија смета дека одржувањето на 50-годишнината од Движењето на неврзаните во Белград би било штетно за земјата. Но, српската дипломатија не се откажува од организирањето на прославата.

https://p.dw.com/p/10k8u
Првиот самит на Движењето на неврзаните се одржа во Белград во 1961 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Аналитичарите сметаат дека е потребна дебата на политичката сцена, со цел да се одреди што точно Србија сака од неврзаните. Марко Папиќ од американската агенција „Стратфор“ вели дека Србија треба исклучиво да биде насочена кон освојување на странските пазари, а не на барање политички алтернативи во Движењето на неврзаните.

„Врските со земјите-членки на движењето се позитивна работа, но доколку е можно да се зајакне економскиот потенцијал. Постои голема можност за соработка во воената индустрија, како наследство од 80-те години. Проблемите би се случиле кога Србија во Движењето на неврзаните би гледала алтернатива во изборот на својата геополитичка стратегија. Србија не може да се потпира на неврзаните земји во светот кој не е веќе поделен на две суперсили“, вели Папиќ.

Драган Петровиќ од Инстутот за меѓународна политика и стопанство оценува дека Движењето на неврзаните го исцрпело своето значење во меѓународните односи.

„Србија треба да ја задржи својата улога на соработник со Движењето, иако е тешко да се каже на која институционална основа тоа би се правело, дали како набљудувач, гостин или можеби нешто трето? Примарна е пред се, стопанската соработка“, вели Петровиќ. Тој потсетува дека и другите европски земји имаат на ум само една работа кога се во прашање неврзаните, а тоа е дека нивните економии се во подем.

EU Aussenministertreffen in Brdo Slowenien Vuk Jeremic
Шефот на српската дипломатија Вук ЈеремиќФотографија: AP

Економската сорабока- приоритет

Драган Симеуновиќ од Форумот за меѓународни односи вели дека не се согласува со оценките оти организацијата на 50-годишнината е понижувачка за Србија.

„Не знам зошто би било понижувачки, доколку покрај Србија, како организатори се јават и другите поранешни југословенски републики. Не треба да и се дава поголемо значење на конференција од она што го заслужува, но треба да се има предвид дека сите западни земји, вклучително и САД многу блиску соработуваат со земјите од Движењето“, вели Симеуновиќ.

Според него, интересите на Србија се многу јасни, а тоа е конкретна економска соработка.

„Тоа се пазари на кои Србија може многу конкурентно да настапува, заедно со земјите од развиениот свет, и тоа ниту една сериозна дипломатија не би го пропуштила“, заклучува Симеуновиќ.

Автор: Тања Мишчевиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски