Србија-мала Русија или партнер од доверба
28 ноември 2014„Германија е нашиот омилен непријател“, им рече пред неколку години мустаќестиот професор на германските новинари на бродот кој идилично ги возеше под савските мостови. Ова наводно духовито безобразие не спаѓа во најсјајните примери на српска гостоприемливост, но ја изразува длабоко всадената културолошка матрица. Да не речам предрасуда. Од една страна, Србија стреми кон членство во ЕУ, од друга страна приврзениците на Војислав Шешељ, и не само тие, би сакале да ја прегрнат „мајчичка Русија“. Таа дифузна ментална матрица е присутна во речиси целиот српски политички спектар.
Проблем на Србија е што земјата, всушност, е геополитичка дупка во ткивото на ЕУ. Ако Србија има казахстански граници, никому на Запад, а камоли во Германија, не би му паѓало на памет да ја дразни „руската мечка“(ова е сликовито културолошко клише на Запад), крадејќи и‘ го пленот пред нос.
Значи, „мајчичката“ е далеку, Германија е најголема економска сила на континентот и Србите на чело со Александар Вучиќ, горко жалејќи, им се свртија на „омилените непријатели“. Официјално Германците им се, ако не баш пријатели, барем партнери. Нели српскиот премиер Вучиќ летоска на Берлин му понуди „сојузништво“? Добро, брак од интерес или од љубов, дилемата е позната, како и последиците. Но, Берлин почна да се сомнева во крајните намери на момата за мажење-Србија.
Лошо руско влијание
Германските дипломатски напори за убедување на Владимир Путин, ако веќе не сака да го врати Крим, а очигледно не сака, барем територијата на источна Украина да му ја препушти на Киев, не донесоа ништо. Кога Ангела Меркел пред неколку дена, по повеќечасовниот разговор со Путин, по којзнае кој пат во досегашните триесетина разговори, сфати дека е тоа јалова работа, таа далеку од Европа, од Австралија, доволно чујно за да стигне и до Белград, го наведе списокот на земји кои се загрозени од руското влијание. Србија е меѓу нив.
Германија на почетокот на украинската криза се обиде да ја избалансира позицијата меѓу својата енергетска глад и големите инвестиции во Русија и геополитичките конфронтации кои преку Киев ги заоструваа првенствено Москва и Вашингтон. По анексијата на Крим, на Берлин му беше отсечен тој пат на дипломатска еквилибристика.
Референдумот под руско оружје доведе до промена на границите. На сето тоа Берлин, врз основа на важечката надворешно-политичка формула просто мораше да каже „најн“ и по цена на сопствената економска штета. Надворешно-политичкиот резон на Берлин е непроменет во последните неколку децении. Она што беше формулирано во стариот добар Бон како главен град на поранешна Западна Германија, важи и за обединета Германија: „трансатлантско сојузништво“ плус „поврзаност со Запад“, значи EU&USA first.
Србија е потенцијален член на ЕУ. И потенцијален сојузник на Русија. Тие две работи некако можат да се вклопат во време на соработка меѓу Русија и Запад. Во време на судири, а украинската криза на односите им дава таков карактер, Србија не може долго да ја задржи својата „неврзана“ улога.
Изјавата на Ангела Меркел е само врв на ледениот брег. Германската политичка елита официјално ги фали напорите на Србија, Бриселската спогодба и се‘ што оди со тоа. Неофицијално е присутна загриженост поради „путинизација“. Во Ниш руските „хуманитарци“ стекнаа имунитет неопходен за разузнавачка дејност. Сликите на Путин пред руските тенкови на воената парада во Белград доведоа до повторно, многу пластично класифицирање на Србија во рускиот табор, во момент кога тој табор повторно се доживува како закана.
„Мали Руси“ во ЕУ? Ретко некој би можел да ги убеди западноевропските држави дека во нивен интерес е да ја примат земјата која внатре во Унијата би можела во име на Москва да блокира некои процеси. Или барем да лобира за туѓа сметка.
Германија го призна Косово, а Русија го блокира приемот на Косово во ОН. Низ енергетскиот крвоток на Србија течат руска нафта и гас. Србија не сака во НАТО, но сака воени вежби со Русите. Сето тоа го знаат германските политичари кога зборуваат за можно потпаѓање на Србија под преголемо руско влијание.
Под медиумски вкрстен оган
Главните медиуми во Германија, исто како и германската влада, од неодамна во однесувањето на Москва препознаваат „Голем план“ (како што пишува „Цајт“) на рускиот претседател Владимир Путин со цели кои полека се препознаваат: апсолутна доминација над постсоветскиот простор, потиснување на НАТО што подалеку од руските граници, стекнување влијание внатре во Унијата, геополитичко соочување со Вашингтон, заокружување на интересните сфери. И гледаат - Москва на Србија и‘ наменила не толку безначајна улога на тој план.
„Дали би требало пак да се плашиме од Русите?“ „Одговор на Путин-попуштање или тврд став?“, само се дел од насловите на телевизиските дебати кои деновиве се вртат во недоглед. Русија, чии следни потези САД и Запад не можат со сигурност да ги предвидат, предизвикува страв. Постарите со нелагодност се сеќаваат на Студената војна. Помладите се чудат-зар во училиште не ни рекоа дека источно-западната конфронтација е веќе минато?
Од неодамна проработи и новата московска програма на германски. Руското вложување во западни јазици на државниот канал „Раша тудеј“ овде главно се посматра како медиумско-пропагандна логистика кон „Големиот план“. Но, во руските и германските медиуми не се зборува само за Путин, туку се појавува и тој лично. Во интервјуто емитувано на 16 ноември на Првата програма на германската државна телевизија, Владимир Путин прецизно опиша што мисли. За Србија е интересно неговото тврдење оти суштината на пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, онаа која се однесува на тоа дека прогласувањето на косовската независност не претставува повреда на меѓународното право, е применета на Крим, значи дека анексијата на Крим врз основа на наводно мнозинска волја на тамошното население, не е повреда на меѓународното право. Народ кој сака да се оддели не мора да ја праша централната влада, рече Путин.
На државната политика на Белград, заснована на уставната преамбула за непризнавање на државната независност на Косово, овој став на Путин не и‘ е од корист. Имено, новинарот Хуберт Зајпел можеше да го праша рускиот претседател, а не го праша: Ако може Крим, зошто не може Косово? Позицијата на Москва е очигледно противречна: Крим е легитимен како дел од Русија, а Косово го блокираме за српски ќев. Ако Запад во очите на многу Срби има двојни аршини, не би било на одмет да забележат - по потреба ги има и Москва.
Времето за изјаснување истекува
Засега Берлин само нерасположено посматра како Србија, како спомената геополитичка дупка во Унијата, ја полнат руски гас, нафта и љубов. Москва не бара ништо освен- лојалност. И тоа во форма на непристапување кон Северноатлантскиот пакт. Дури и Белград да се одлучи за Унијата, Москва ќе има сојузник во самата соперничка зона.
Меѓутоа, ако конфликтот околу Украина потрае, а ќе потрае, новооткриената љубов на православните браќа сериозно ќе го вознемири Берлин. Навистина, Вучиќ пред својата јунска посета на Берлин рече -постои една работа во која Србија може да и‘ помогне на Германија, а тоа се гаранции за западнобалканска безбедност и стабилност. Сега Берлин се прашува: Што ако Москва ја искористи Србија за дестабилизирање на југоисточното крило на ЕУ? Што ако во Белград на власт дојдат луѓе кои се склони кон слегнување со рамена на сето она недостижно што стои во пристапните поглавија? Што ако сиромашната и излудена земја мнозински одлучи враќање кон „мајчичката“, зашто бракот од интерес постојано се одложува, а и Брисел како младоженец изгледа малку начнат, со јужни екстремитети кои речиси изумираат?
Новото внимание со кое е опсипана Србија може да биде шанса за Белград подобро да ги пласира некои свои аргументи во билатералните преговори со Берлин и Брисел. Но, лоша проценка е помислата оти со руска карта е можна уцена на Германија или било кого на Запад. Партнерот не го уценувате. Единствено, само ако уште го гледате како „омилен непријател“ и ако во неговите очи сакате да добиете ист таков статус. Времињата во кои „мајчичката“ не‘ земаше в скут беа истовремено времиња во кои владееше долго напријателство со Берлин. Тоа секогаш беше и несреќна епоха за Србија. Никој нема да го суспендира Бриселскиот договор поради јакнење на руското влијание. Ниту на Србија ќе и‘ даде попуст во областите како што се владеење на правото или слободата на медиумите.
Сепак, часовникот кој го мери времето до неизбежните одлуки безмислосно отчукува. Можеби некое време може да се одлага крајот на невештото балансирање на повторно затегнатата жица на Студената војна, па и до крајот на мандатот на Вучиќ. Но, ако тој на следниот мандатор (можеби самиот себе си) му го остави она што нему Тадиќ му го пренесе во аманет-нејасно дефинирање на односите со соседите, нејасно дефинирање на местото на државата во новото престројување Исток-Запад со нерешена дилема на „мајчичката“ во срцето и „омилениот непријател“ во паричникот, тогаш време за мудри одлуки нема веќе да има.
Наместо Србија, ќе одлучува друг. За членството во ЕУ. За безвизниот режим. За топлите и ладни радијатори. За економската помош. А дури тогаш тоа е „руски рулет“.
Текстот е објавен во неделникот „Време“ од 26.11.2014 во рубриката Личен став.