Србија и Грција - сојуз врз бурето барут
28 октомври 2019Во Солун е отворено седмото уметничко биенале. Наместо археолошки ископини и гордеење со славното минато, овојпат се нуди критичко преиспитување. Тоа е доволна причина за посета на музеите. Градот во северна Грција се соочува со својата балканска историја. Низ јавниите дискусии се провлекува патриотскиот национализам во однос на соседните земји. Во музејот на фотографијата се изложени и дела на атинскиот уметник Вангелис Влахос. На еден ѕид е проектиран говор на Слободан Милошевиќ. На една маса пред нег е поставена дрвена макета на парламентот на Босна и Херцеговина. Покрај неа се наоѓаат големи папки со исечоци од весници за грчки инвестиции на Балканот. Историски час како уметничко дело?
Сведоштва за судирите
Уметникот е роден во 1971. година. Не нуди одговори. Тој не е историчар. Неговото дело е некој вид сведочење за соочување со поновата историја на неговата земја, која речиси да не игра некоја улога во националната свест. „Се занимавам главно со моменти од поновата грчка историја, кои се на маргините на главниот историски наратив и се проценуваат како неважни за развојот или интерпретацијата на настаните“.
Во овој случај за Влахос се важни три работи: грчката иницијатива за обнова на зградата на парламентот на БиХ, анегдотите за српскиот генерал Ратко Младиќ, како и средбата на тогашниот грчки премиер Константинос Мицотакис со Слободан Милошевиќ во Белград, во мај 1999 година. „Сакам со своето дело да понудам отворена интерпретирачка рамка, флуидно опкружување на човечките односи, кое ја храни нашата перцепција за најновата историја“, вели Влахос.
Православието како заеднички именител
Влахос во своите трудови меѓу другото го преиспитува и митот на грчко-српското пријателство. Традиционално добрите односи на Атина и Белград се некој вид сојуз во регионот во кој грчкиот однос кон соседите е проникнат со конфликти. Професорката за балкански студии на Универзитетот Македонија во Солун, Ставрула Маврогени смета дека тоа пријателство се темели и на заедничката претстава за непријателите: „Тоа е наследство од револуциите против Османското царство. Оттогаш е развиен мит за ‘братски народ'“. Историчарот Лукианос Хасиотис корените на грчко-српското пријателство исто така ги гледа во историјата: „Грците и Србите воглавно немаат сопернички интереси во регионот. Сојузот од почетокот на 20 век е настанат со намера да се контролира Бугарија. Покрај Турција, Бугарија е главен непријател на Грција. Крвави војни, територијални аспирации. На обете страни неодамнешната историја оставила трауматични траги. Уште нешто му дава крилја на чувството на солидарност меѓу двата народи – православното христијанство. Тоа оди толку далеку, што околу 100 грчки доброволци учествуваа во војната во БиХ на српска страна во 1995 година дури и во масакрот во Сребреница. Во првата фаза на југословенскиот конфликт, грчките медиуми беа против Милошевиќ, вели Маврогени: „Подоцна се разви теорија на ‘муслимански лак'. Бројни Грци ја посматраат Србија како христијанска брана против ширењето на исламот.“
Меѓу историјата и митот
Сојузништвото на Србија и Грција останува исклучок во регионот. Спорот околу името со Северна Македонија најдобро го покажува степенот на затегнатост на односите. Лукианос Хасиотис смета дека во сето ова важно е што луѓето зборуваат едни за други и што учат во училиште. „Претставата за Бугарите и Албанците потекнува од една епоха кога земјите имале меѓусебни конфликти на интереси. Националистичли расположени не биле само Грците, туку и други страни.“
Етноцентризмот, според него, не е веќе толку тврд како во 1970-те и 1980-те години. Но, имиџот на соседите и натаму е лош. Маврогени причините ги лоцира во јавниот дискурс: „Во Грција често се врши бомбардирање со вести од странство, кои потоа се доведуваат во врска со стварни или измислени теми на национално ниво.“
Така, надворешнополитичките теми се испреплетуваат со внатрешната политика, па се злоупотербуваат за меѓупартиски игри на моќ.
И новата влада, која на европско ниво ги поддржува балканските соседи, на внатрешен план има целосно спротивен курс. Им погодува на националистичко-традиционалистичките слоеви гласачи за кои отворањето кон Северна Македонија, Бугарија и Албанија претставува табу.
Повеќе:
Атина молчи за најавените избори во Северна Македонија
Атина бара од ЕУ да ја потврди европската перспектива на Западниот Балкан
Грција и Северна Македонија- трговија молчешкум
Градоначалникот на Солун, Никис Карамеос неодамна изјави: „Наставата по историја не смее да има социолошки карактер, туку мора да ја култивира националната свест.“ Наставниците и историчарите оваа изјава ја оквалификуваа како ненаучна и апсурдна.
Пријателството и регионалната стабилност
Така, останува прашање дали добрите односи меѓу Белград и Атина можат да придонесат кон стабилност на регионот. На пример, Грција е една од петте земји од ЕУ кои не го признаа Косово. Маврогени вели: „Добрите билатерални односи не настануваат врз основа на добра волја од една страна, туку со заеднички напори.“ Претпоставка за тоа не се сојузништва засновани врз историски национализам, туку критичко преиспитување на сопствените позиции.
Теоретски е така. Што зборува народот, како луѓето ја доживуваат историјата, тоа е сосема друга работа. Во однос на академските дискусии и школските учебници, тука мислењето за другите е многу поостро. Таквите ставови наоѓаат свое упориште во медиумите, кината, меморијалните воени музеи. Тука историјата често се претставува многу поригидно.