Србија „докажува“ дека не е виновна за почетокот на Првата светска војна
7 јануари 2014„Србија не сака да биде бележана како соодговорна за почетокот на Првата светска војна. Тоа државниот врв постојано го става на знаење“, анализира денеска (7.01) германската агенција ДПА во подолгиот текст со наслов „Србија ’докажува’ дека не е виновна за почетокот на Првата светска војна“. Во анализата уште се вели:
„Балканската држава не сака да прифати ниту српскиот националист Гаврило Принцип, кој во јуни 1914 година во Сараево го уби Хабсбуршкиот престолонаследник Франц Фердинанд, да биде означуван како терорист од типот на оние на Ал Каеда. Сега земјата сака да ја претстави својата вистина за војната. Меѓународно реномираниот српско-босански режисер Емир Кустурица сега (5.01) најавува дека сака да сними документарен филм на оваа тема. Истовремено, тој претстави документ од Државниот архив во Белград, кој би требало да ја испере Србија од сите обвинувања. Станува збор за писмо на тогашниот виенски воен гувернер во Босна, Оскар Потиорек, упатено до министерот за финансии Леон Билински на 28 мај 1913 година.
Од писмото станува јасно дека Хабсбуршкото царство една година пред почетокот на војната планирала голем воен судир, велат домашните историчари. „Тоа е нашиот одговор на обидот за поинакво толкување на историјата“, образлага Кустурица, кој е претседавач на српскиот Комитет за подготовки за одбележување на стогодишнината од избивањето на војната.
Домашните медиуми слават. ’Австријците ја планирале Првата светска војна една година пред убиството на Фердинанд’ и ’Виена ја планирала војната уште во 1930-та’ се насловите во двата најголеми весника, Новости и Блиц. ’Ние не сме виновни за војната. Потиорек го планирал ударот против Србија една година пред атентатот’, напиша Телеграф, одејќи чекор понатаму.
Писмото е ’примарен извор и еден од најначајните извори за истражување на прашањето за воена вина’, тврди директорот на Архивот, Мирослав Перишиќ. Сепак, досега, како што се вели, кај сите ’ревизионистички историчари владееше мртов молк’, затоа што инаку немаше да можат да им ја припишат на ’Србија и Русија’ вината за почетокот на војната.
Кај меѓународните експерти Државниот архив со својот потег предизвикува само вртење со главата. Писмото не е ’ништо посебно’, реагира еден од најпознатите познавачи на Првата светска војна, австрискиот историчар Манфрид Раухенштајнер. Тој вели: ’Зошто вакво писмо воопшто би било во Белград, не ми е јасно’.
Државниот архив за ова има вакво објаснување: се располага со машински препис на рачно напишаното писмо, кој датира од 1930 година. Архиварите направиле превод. Директорот Перишиќ не беше достапен за новинарите кои побараа да го видат оригиналот на преписот на писмото на германски јазик. Државниот архив достави единствено српски превод на писмото.
Во преводот пак, стои речиси спротивното од она што се тврди во Србија. Виенскиот воен гувернер зборува за ’неизбежна војна за неколку години’, затоа што земјата ’во секоја идна војна би се борела отворено и огорчено на страната на нашите преостанати непријатели’. Србија, според предлогот на офицерот, мора да се направи ’неопасна со тоа што монархијата би склучила барем трговски, царински и воен договор’ со оваа Балканска земја“, се вели во текстот на Томас Бреј од германската агенција ДПА.