Спорна посета на Бања Лука
12 јануари 2018Според официјалното соопштение од австриската Слободарска партија (ФПО), издадено по барање на новинарите за тоа каква политичка порака се испраќа со посетата на Бања Лука, се наведува дека Јохан Гуденус, иако е шеф на пратеничката група на оваа партија во австрискиот парламент, отпатувал во градот на Врбас - приватно. Со соопштение за јавност се огласи и портпаролот на австриската влада Петер Лаунски-Тифентал, наведувајќи оти Австрија го признава територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, дека не се меша во нејзината внатрешна политика и оти не поддржува никакви сепартистички амбиции.
Ден пред овие соопштенија, претставници на австриските десничари наведоа дека сепак посетата на Гуденус на Бања Лука во секој случај е „во знак на австриската надворешна политика кон Балканот“, што повторно во самото Министерство за надворешни работи, кое е исто така под патронат на Слободарската партија, не сакаа да го коментираат.
Повеќе на темата:
-Новата влада во Виена и улогата на Западниот Балкан
-Ерата на Курц почнува: Длабок јаз меѓу Австријците
Австриските медиуми во меѓувреме остро го критикуваа гестот на Гуденус, наведувајќи оти прославата во Бања Лука е контроверзна, дека годишнината која се одбележува го означува почетокот на бруталното крвопролевање во БиХ, и оти датумот кој во Бања Лука се доживува како национален празник - е неуставен.
Ордени, не само за злосторниците
Особено внимание притоа привлекоа ордените за посебни заслуги кои на неоднамнешниот градоначалник на Виена, а сегашен шеф на пратеничката група на ФПО Јохан Гуденус, како и на австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе, им ги намени претседателот на ентитетот Република Српска, Милорад Додик. Бројни медиуми, па дури и австриската државна телевизија ОРФ, констатираа притоа дека исти такви ордени добиле и осудените воени злосторници Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.
„Орден доби и поренешниот претседател на Србија, Томислав Николиќ, кого само уште таму можете да го видите на јавната сцена“, вели за ДВ историчарката од Центарот за студии на Југоисточна Европа при Универзитетот во Грац, Армина Галијаш. Таа додава дека многу е поважно тоа што на прославата во Бања Лука не присуствувале ни претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ниту премиерката Ана Брнабиќ. „Тоа многу повеќе зборува за самата прослава и за нејзиното 'големосрпско' значење. Говорите кои се одржани ги преџвакаа сите досега веќе безбој пати изговорени флоскули, со цел евтин политички маркетинг и не донесоа ништо ново. Тажно е оти австриската надворешна политика се занимава со работи со кои веќе никој не се занимава и дека нејзините претставници примаат ордени кои пред нив ги добија осудени воени злосторници“, оценува Галијаш.
Опозицијата критикува за „измама на избирачите“
Фактот дека на манифестацијата во Бања Лука сепак не присуствуваше вицеканцеларот Хајнц-Кристијан Штрахе, Ахмед Хусагиќ, координатор за интеграција на австриските социјалдемократи (СПО), го толкува како лага за оној дел од српското гласачко тело во Австрија на кого Слободарската партија му се обраќаше во предизборната кампања.
„Претставниците од ФПО на оној дел од српската заедница кој е националистички ориентиран со години му испраќаа зборови на поддршка, а сега кога се во владата, во Бањал Лука не пратија никој кој е важен, туку се оградуваат од оваа манифестација наведувајќи дека посетата била приватна. На располагање ги имаа и министерката за надворешни работи и министрите кои се во владата, а и самиот заменик кацелар Хајнц-Кристијан Штрахе можеше да отиде на прославата. Очигледно е оти со години мамеа еден дел од српската заедница кој е националистички ориенитиран, сакајќи ги само нивните гласови, како што своите гласачи ги мамат и во сите други сегменти“, вели Хусагиќ.
Тој додава и дека посетата на шефот на пратеничката група на ФПО во австрискиот парламент сепак не би требало да се релативизира, бидејќи во Бања Лука се слави датум кој е неуставен. „Мислам дека посетата од кое било официјално лице од некоја политичка партија на една неуставна манифестација, а особено лица кои извршуваат и функција на претседател на пратеничка група, во никој случај не е позитивна, бидејќи тој директно се меша во внатрешните работи на една суверена држава, па макар тој таму бил и приватно. Сметам, исто така, дека ова е шлаканица за претседателот Додик, бидејќи на манифестацијата не дојдоа ни претседателот Александар Вучиќ, ниту премиерката на Србија Ана Брнабиќ и мислам оти одделни политичари во БиХ би требало да сфатат дека одлуките на судовите, а особено оние на Уставниот суд на БиХ, обврзуваат и за нив да не се дискутира“, заклучува Хусагиќ.
Надворешната политика не е веродостојна?
Посетата на Гуденус на Бањалука, како и изјавата на вицеканцеларот Хајнц-Кристијан Штрахе оти, иако не присуствуваше на прославата во градот на Врбас, одликување од РС сепак ќе прими, го критикуваа и претставниците на сите останати опозициски партии. Така, портпаролката на партијата Листа Пилц за прашања од надворешната политика Алма Задиќ, констатира дека станува збор за скандал и поддршка на сепаратистичко делување на РС, и заклучува оти таквите потези ја прават австриската надворешна политика неверодостојна. Претставници на партијата Неос највија парламентарна расправа за поставување критериуми за примање одликувања и ордени, на кои заменик-канцеларот Хајнц-Критијан Штрахе при такви пригоди во иднина ќе мора да се придржува.