Сплит и Хрватска го испратија Оливер на последното патување
1 август 2018Доковите на Сплит беа претесни да ги соберат сите кои синоќа дојдоа да му изразат последна почит на најпознатиот хрватски пејач кој почина во неделата на 71-годишна возраст. Телото на Драгојевиќ со брод отплови до Вела Лука, каде денеска ќе биде погребан во кругот на семејството и најблиските пријатели, придружуван од воени бродови на хрватската морнарица и стотици мали бротчиња.
На маршрутата низ Сплит, ковчегот беше дочекуван со аплауз и овации, додека локален хор ги пееше неговите најголеми хитови.
На Корчула владееше молк сѐ до пристигнувањето на бродот, а потоа се разнесе громогласен аплауз откако ковчегот беше пренесен на копно.
Во Хрватска вчера беше ден на национално сочувство, а за денеска властите најавија дека бродската линија Сплит-Корчула ќе биде бесплатна за да им излезат во пресрет на сите оние кои сакаат да присуствуваат на погребот.
Пред испраќањето, водечките хрватски политичари, колеги музичари и фанови се собраа на комеморација во Хрватскиот народен театар во Сплит.
Многумина плачеа додека траеше повеќеминутниот аплауз, а потоа станаа и заедно испеаја една од песните на Драгојевиќ.
Погледнете повеќе во видеото: