1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спектакуларен крај на Олимпијадата

АМ/СН/миа/дв13 август 2012

Со спектакуларна завршна свеченост во Лондон беа затворени Летните олимписки игри. Пред 80 илјади посетители на Олимпискиот стадион за добро расположение се погрижија ѕвездите на британската поп и рок сцена.

https://p.dw.com/p/15oWn
Фотографија: Getty Images

Во Лондон синоќа, со гаснење на олимпискиот оган, со предавање на олимпиското знаме на Рио де Жанеиро, следниот домаќин на Игрите за четири години, како и со тричасовниот музички спектакл, беа затворени 30-те по ред летни Олимписки игри.

На стадионот присуствуваа 80 илјади гледачи и десет илјади спортисти. По полноќ претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Жак Рог официјално го означи крајот на Олимпијадата, истакнувајќи дека Лондон бил извонреден домаќин на игрите, на кои учествуваа спортисти од 204 земји. Тој им се заблагодари на Организациониот комитет и на Лондон за "супер организираните Игри" и за големиот ентузијазам и поддршката од големата армија доброволци, вклучени во организацијата.

Olympia 2012 Abschlußfeier Madness
Фотографија: Getty Images

„Ние никогаш нема да ги заборавиме насмевките, срдечноста и поддршката на доброволците - хероите на овие игри“, рече Рог, додавајќи дека „Лондон целосно ја заслужи довербата" што му беше дадена пред седум години, по трет пат да биде организатор на една Олимпијада.

Градоначалникот на Лондон Борис Џонсон му го предаде олимпиското знаме на неговиот колега Едуардо Паеш, од бразилската метропола Рио де Женеиро, која ќе биде домаќин на следната Летна олимпијада, во 2016-та година.

Музичкиот спектакл на церемонијата на свеченото затворање, што го осмисли Ким Гевин, претставуваше "Симфонија на британската музика", во која продефилираа десетици пејачи и музички групи од разни генерации на британската рок и поп музика, придружени од големиот Лондонски симфонски оркестар, четири илјади доброволци од градот, 300 членови на британскиот кралски балет и еден голем мешовит хор. Меѓу ѕвездите кои придонесоа крајот на Игрите да се претвори во голема забава беа Меднес, Пет Шоп Бојс, Џорџ Мајкл, Ени Ленокс, Брајан Меј и Роџер Тејлор од групата Квин, како и специјално за оваа прилика повторно обдинетите Спајс Грлс, Тејк Дет, но и Џејси Џеј, новата ѕвезда на британската музика.

За целосното британско претставување пред светот, се погрижија и Монти Пајтон, настапувачите од мјузиклот „Стомп", како и водечките манекенки Наоми Кемпбел и Кејт Мос.

Olympia 2012 Abschlußfeier Einlauf Athleten
Фотографија: AP

Спекталот на гаснењето на олимпискиот оган заврши со настапот на групата „Ху" и нивниот голем хит од шеесетите години на 20 век, „Мојата генерација".

На Олимпијадата во Лондон учествуваа преку десет илјади спортисти од 204 земји и територии, меѓу кои беа и четворица олимпијци од Република Македонија. Тие се натпреваруваа во пливање и атлетика и сите ги завршија натпреварувањата во квалификациите. Вкупно 85 држави освоија медали, а најуспешни се спортистите од САД, кои со освоените 104 медали, од кои 46 златни, забележаа најдобро постигнување на било која досега Олимпијада, надвор од Америка. Втора е Кина со 87, а трет е домаќинот на Игрите, Велика Британија, со 65 медали. Германскиот тим се пласираше на 6-то место.

Од балканскиот регион, најуспешна е Хрватска со шест медали, од кои три се златни, а потоа следува Турција со пет медали, од кои две златни. Медали освоија и Словенија, Романија, Србија и Црна Гора. Некогаш силниот бугарски олимписки состав во Лондон не освои ниту еден златен трофеј, а Грција на овие игри освои само два бронзени медала.