Спектакл и страв од еболата во Нанџинг
17 август 2014Тоа беше очекувано спектакуларна свеченост на отворање на Вторите олимписки игри за млади во Нанџинг. Кинескиот претседател Си Џингпинг ги отвори игрите за спортисти од 14 до 18 години. И претседателот на Меѓународниот Олимписки Комитет (МОК), Томас Бах беше на лице место и на присутните 3800 спортисти им порача да уживаат во натпреварувањата.
Шест години по Олимписките игри 2008. во Пекинг, Кина повторно понуди величествена церемонија на отворање, која беше мост меѓу традицијата стара илјадници години и модерната држава. Помпезниот масовен настап во традиционални, шарени костуми, ја прикажа оваа земја како голема нација на културата. Притоа беше потсетено и на кинеската историја, кога жителите во колони или во големи флоти од бродови ја напуштале земјата.
Атлетичари од преку 200 земји
Двочасовниот спектакл од разнобојни светла, ласерско шоу, танцови изведби, огномет и делумно драматични хорски и оркестарски изведби, ја воодушевија публиката, токму како и спортистите кои допатуваа од преку 200 земји и до 28. август ќе ги одмеруваат силите во 28 спортски дисциплини. Меѓу почесните гости на церемонијата беше и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.
Германија во Нанџинг ја претставуваат 84 млади спортисти, додека пак Македонија е застапена со пет. Во говорот за време на свеченоста на отворање на Игрите, претседателот на МОК, Бах ѝ се заблагодари на Кина како на светски прочуен извонреден домаќин.
Расправи околу еболата
Почетокот на младинските олимписки игри беше засенет од повлекуваето на учесниците од африканските земји, Нигерија, Сиера Леоне и Либерија, кои се пожалија дека делумно биле изложени на притисок и шиканирање поради стравот од болеста ебола која пустоши во западна Африка. Двајца од вкупно тројца спортисти кои допатуваа од уште една земја погодена од еболата, Гвинеја, истотака не смеат да настапат.
МОК и организаторите на младинските олимписки игри во Нанџинг, издадоа забрана за спортистите во боречките и пливачките дисциплини кои доаѓаат од земјите погодени од еболата, за да се намали опасноста од зараза. „Мораме да пронајдеме вистинска рамнотежа“, изјави Бах. Претседателот на МОК потврди дека спортистите од Нигерија ќе отпатуваат, додека екипите од Либерија и Сиера Леоне не ни допатувале. „Тажен сум поради повлекувањето ама мораме да преземеме мерки за гарантирање на безбедноста на другите спортисти“, порача Бах.