СПД ќе преговара со Унијата за голема коалиција
20 октомври 2013За почеток на коалициони преговори со Унијата на Ангела Меркел на денешниот конвент на социјалдемократите се изјаснило големо мнозинство од 230-те делегати, јавуваат агенциите, повикувајќи се на учесници на малиот партиски конгрес на социјалдемократите, кој беше затворен за јавноста. Според овие извори, против коалициони преговори се изјасниле само 31 делегат, а двајца биле воздржани.
Тоа значи дека преговорите со ЦДУ и ЦСУ може да почнат, најверојатно в среда (23.10). Едно од главните барања на СПД е законски регулирана минимална плата во државата, која би изнесувала 8,50 евра бруто за работен час. Освен тоа, социјалдемократите се залагаат и за двојно државјанство, повеќе финансиски средства за нега на старите лица и пензии кои ќе бидат доволни за живот. За возврат, тие би можеле да се откажат од барањето за зголемување на даноците.
Дали на крајот ќе дојде до создавање голема коалиција со Христијанско-демократската и Христијанско-социјалната унија зависи од 470-те илјади членови на СПД, кои ќе треба да гласаат за коалициониот договор со партиите на Унијата.
Шефот на СПД, Зигмар Габриел (на фотографијата), денеска во Берлин не наведе временски план на преговорите, но најави: „Имаме за цел да овозможиме составување влада пред Божик.“ Габриел додаде дека е можно да се случи во текот на преговорите да се јават и непремостливи разлики, но „јасно е дека се оди на разговори со цел да се постигне договор“.