1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

140609 SPD Parteitag

15 јуни 2009

По слабиот резултат на европските избори, СПД со нова смелост влегува во предизборната кампања за изборите за Бундестагот. На вонредниот партиски конгрес, социјалдемократите едногласно ја усвоија изборната програма.

https://p.dw.com/p/I9RS
Франк-Валтер Штајнмаер, кандидат за канцеларФотографија: dpa

На конгресот делегатите си дадоа одушка од депресијата во која западнаа по европските избори. Резултатот беше мизерен, но сега партијата мора да гледа напред и самоуверено да влезе во кампањата за изборите за Бундестагот, рече претседателот на партијата Франц Минтеферинг. „Социјалдемократите имаат бистра глава и вжештено срце. Правиме кампања за освојување на канцеларската функција со Франк-Валтер Штајнмајер како канцелар на Сојузна Република Германија“, рече Минтеферинг.

Steinmeier auf SPD Parteitag in Berlin
Штајнамер на партискиот конгрес во БерлинФотографија: AP

Кулминација на конгресот беше говорот на Штајнмајер, кој повеќепати беше прекинуван со бурни реакции на одобрување. На европските избори социјалдемократите не успеаја да ги мобилизираат своите избирачи, во кампањата за Бундестагот тоа не би требало повторно да биде проблем. „Без нас оваа земја би изгледала поинаку. И, ако ние не го кажеме тоа, кој треба да го каже? Затоа, кажете го тоа гласно по овој конгрес, кажете го секојдневно и насекаде - и пред се’, кажете го со гордост. Тогаш ќе убедиме уште многумина до 27 септември“.

Треба да се истакнат успесите на социјалдемократите

Штајнмајер ги наброја работите што се канон на традиционалната социјалдемократска политика: социјална праведност, силни права на работниците, образование за сите. Партијата смета дека не е потребна коректура на курсот по слабиот резултат на европските избори, туку треба да се истакнат успесите на социјалдемократите, нивниот удел во решенијата на големата владина коалиција. За кандидатот за канцелар не е причина за предвремена резигнација што партиите на унијата, заедно со либералите, во анкетите моментно стојат далеку подобро. Тие немаат вистински рецепти против економската криза, оцени Штајнмајер. „Црно-жолтите не треба да имаат мнозинство, оти идеологијата што не доведе во оваа криза, не може да биде и одговор на кризата“.

SPD Parteitag am 14. Juni 2009 in Berlin
Партиски конгрес на СПДФотографија: AP

Говорот на Штајнмајер ги воодушеви делегатите

„Говорот беше воодушевувачки, мислам дека сите ги понесе.“

„Тоа беше мотивирачки говор, кој навистина создаде расположение“.

„Најмногу ми се допадна кога рече дека со старата политика не може да се креира иднината. Тоа беше извонредно“.

„Говорот беше одличен, мислам дека Франк-Валтер би бил вистинскиот канцелар во ова време“.

Со поддршка од партиската база, кандидатот за канцелар демонстрира оптимизам: „Заеднички ќе успееме во тоа, ние сакаме да победиме - и ќе победиме!“

Автор: Нина Веркхојзер / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска