1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СПД пред тешки преговори со Меркел

Марсел Фирстенау/ Александра Трајковска 23 октомври 2013

Социјалдемократите сакаат повторно да формираат влада со канцеларката Ангела Меркел. На коалиционите преговори, кои почнуваат денеска (23.10) нема да им биде лесно да се пробијат со своите барања.

https://p.dw.com/p/1A2xM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Германија е на повидок т.н. голема коалиција, сојуз од конзервативците и социјалдемократите. Предуслов за преговорите кои денеска треба да почнат во Берлин беше согласноста од малиот партиски конгрес на СПД. Ова највисоко тело на партијата пред неколку дена со големо мнозинство се изјасни за почеток на коалиционите преговори. Доколу тие протечат успешно, ќе дојде до формирање на владин сојуз од ЦДУ/ЦСУ и СПД. Овие партии последен пат заедно беа на власт во легислативниот период 2005-2009 година. Тогаш Ангела Меркел првпат ја презема канцеларската функција и со голема веројатност ќе остане германска премиерка. Тоа ќе биде нејзин трет мандат.

Почетната скепса во СПД е минато

Бројот на противниците на големата коалиција кај социјалдемократите, кој на почетокот беше висок, полека се намалува. Откако меѓу 35. членови на раководството на СПД се регистрираше само уште еден глас против, шефот на партијата Зигмар Габриел за коалиционите преговори доби поддршка и од 230-те делегати на т.н. мал партиски конгрес - околу 85 проценти од гласовите значат силен мандат за преговори.

Согласно ова, самоуверено звучи и одлуката донесена во Берлин: „СПД сака да владее за социјално праведна и модерна, слободарска и Германија ориенитрана кон светот, која застанува пред својата меѓународна одговорност“. Вака гласи првата реченица од документот во десет точки, со кој СПД, која тукушто наполни 150 години, влегува во разговори со ЦДУ на Ангела Меркел и нејзината баварска сестринска партија ЦСУ.

SPD-Konvent Demonstration
На крајот само малкумина протестираа против голема коалицијаФотографија: picture-alliance/dpa

Законската најниска плата се чини дека е услов

Веќе подолго време СПД се залага за законско регулирање на најниска плата и тоа во цела Германија - барање, кое за партијата е неопходно. Најмалку 8,50 евра во иднина треба да се плаќа за еден час работа, сеедно каде и сеедно во која бранша. Амбициозно барање, оти особено во структурно слабиот исток на земјата плати под четири евра на час не се реткост. СПД меѓутоа укажува на тоа дека во повеќето западноиндустриски нации законските минимални пати се вообичаени.

Германската канцеларка Ангела Меркел веќе сигнализираше дека по ова прашање е можно да му се излезе пресрет на СПД: Постојат индиции дека СПД од своја страна ќе се откаже од барањето за покачување на даноците за лицата со повисоки примања од 45 на 49 проценти. Партиите на Унијата, имено, одбиваат поголемо оптоварување за даночните обврзници.

Тешки преговори се очекуваат и по општественополитичките прашања. Тема за која се залага СПД е двојното државјанство: „Кон општествено единство припаѓа рамноправното учество на доселениците во нашето општество“, се вели во документот. Мора да се укине одредбата која од доселниците бара да се одлучат за едно државјанство. „И ние сакаме да се постигне подобрување за бегалците“, се вели во каталогот со барања на СПД.

Шефот на партијата Габриел е свесен дека ќе мора да направи многу компромиси, за да се постигне владин коалиционен договор со конзервативците. На партиите на Унијата им недостасуваа само малку гласови за апсолутно мнозинство. Пред осум години ситуацијата беше поинаква. Тогаш двете партии имаа речиси еднаква поддршка од населенетио 35,3 проценти за ЦДУ/ ЦСУ и 34,2 за СПД. И токму поради тоа социјалдемократите можеа да бараат важни ресори како министерствата за надворешни, за финансии и за труд и социјала. Овојпат ќе мораат да бидат поскромни.

И Ангела Меркел е под притисок

За министерства и функции ќе се разговара на крајот, нагласи шефот на СПД Зигмар Габриел. Базата на социјалдемократите очекува, меѓутоа, повеќе отколку што Унијата е подготвена да му овозможи да својот потенцијален коалиционен партнер. Исто така и канцеларката Ангела Меркел во своите редови е под притисок. Во изминатите осум години на чело на владата Унијата се приближи до СПД по многу политички точки. Затоа по некои прашања, како на пример целосна рамноправност на хомосексуалните двојки, повеќе нема простор за преговори со СПД. Ова Меркел го навести уште за време на изборната кампања.

Bundestagswahl 2013 Symbolbild mögliche große Koalition Merkel Gabriel
Ангела Меркел и Зигмар ГабриелФотографија: picture-alliance/dpa

Доколку ЦДУ/ ЦСУ и социјалдемократите постигнат согласнот околу коалиционен договор, тој би можел да пропадне доколку за него не постои согласност кај членството на СПД. Околу 470.000 членови на партијата ќе гласаат за договорот и вотумот ќе биде обврзувачки. Новата влада се очекува да биде формирана до Божик.