СПД и Унијата започнуваат сондирачки разговори
30 септември 2013Средбата меѓу СПД и Унијата треба да се одржи в петок (04.10) во 13 часот во Берлин, соопшти централата на ЦДУ. СПД веќе именуваше шестчлен тим, под водство на шефот на партијата Зигмар Габриел. Засега не е прецизирано кој ќе ја претставува Унијата. Со сигурност се знае дека ќе присуствуваат канцеларката Ангела Меркел и шефот на ЦСУ Хорс Зехофер.
Дали ќе има втора сондирачка рунда е отворено. Унијата како опција има и разговори со Зелените. Термин за сондирачки раговори со оваа партија меѓутоа нема.
Изминатиов викенд и двете страни преку различни интервјуа ги исцртаа позициите. Шефот на пратеничката група на ЦДУ/ ЦСУ во германскиот Бундестаг Фолкер Каудер притоа предупреди од преголеми отстапки од страна на Унијата во коaлиционите разговори со СПД. „Појдовна точка за преговорите е нашата владина програма. СПД не е победник во изборите“, рече тој за весникот „Велт ам зонтаг“.
Од друга страна, социјалдемократите порачаа: „Нашите содржини нема да ги распродадеме за бадијала“, рече покраинската премиерка на Северна Рајна Вестфалија и заменик шеф на СПД Ханелоре Крафт. Двете страни спорат пред сѐ дали идната влада треба да ги покачи даноците за вработените со повисоки примања. СПД тоа го бара, додека Унијата одбива покачување на даноците.
Денеска (30.09) весникот „Зиддојче цајтунг“ информираше дека претседателот Јоахим Гаук ги поканил шефовите на партиите застапени во Буденстагот на разговор во четири очи. Со оглед на потешкотиите при формирањето на коалицијата, весникот оценува дека претседателот Гаук би сакал да се информира како шефовите на партиите ја проценуваат ситуацијата и како мислат да се спречи политички застој.
Партиите на Унијата ЦДУ и ЦСУ освоија најмногу гласови на парламентарните избори на 22. септември. Нивниот досегашен коалционен партнер либералите освоија помалку од 5 проценти и нема да бидат застапени во новиот состав на Буденстагот.