Со кучиња-трагачи по делови од патниците на малезискиот авион
2 август 2014„На оддалеченост од околу два километри слушнавме како надоаѓа артилерија кон местото каде што бевме, а тоа беше премногу блиску за да се продолжи“, рече Александер Хаг, заменик-шеф на мониторите од мисијата на ОБСЕ во Украина.
Тој додаде дека тимот претходно се согласил со двете страни – и владините украински сили и проруските сепаратисти - да се посети селото Петропавливка, како дел од пошироката операција за пребарување.
Дека на истокот на Украина продолжуваат гранатирањата покажува и новата загуба за украинската војска. Имено, таа ја загуби врската со беспилотното летало кое собираше разузнавачки информации за позициите на проруските борци во источна Украина. По извршувањето на мисијата, беспилотното летало се враќало во базата, кога било урнато од страна на проруските сили, појасни Андреј Лисенко, портпарол на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина. Според него, проруските борци користеле систем Бук-11. Таков систем, наводно, бил искористен и за соборување на малезискиот авион.
Инаку, при денешното пребарување на остатоци од леталото и патниците беа користени и кучиња-трагачи. Околу 70 холандски и австралиски полициски инспектори втор ден се обидуваа да пребаруваат во остатоците. Се претпоставува дека за завршување на оваа задача ќе бидат потребни три недели. За време на денешното пребарување било присутно амбулантно комбе во кое требало да се стават некои пронајдени остатоци, додека вооружените бунтовници не ги тргаа очите од насобраните новинари.
Малезискиот авион беше соборен пред повеќе од две недели, при што загинаа 298 лица. Украинските власти оваа недела информираа дека уште околу 80 тела се’ уште не се пронајдени.
Според САД, виновници за соборувањето на авионот се веројатно проруските сепаратисти, кои наводно користеле ракета од руско производство. Тие и Москва негираа вмешаност и за соборувањето на авионот на 17 јули ја обвинија киевската воена кампања за задушување на сепаратистичкото востание.