Со глечерите, исчезнува и водата за пиење!
23 март 2010Околу 71 процент од светот што не` опкружува се состои од вода, 60 проценти од нашето тело е составено од вода, 85 проценти на нашиот мозок и 20 проценти од нашите коски. Водата за луѓето е толку животно неопходна, како воздухот за дишење. Нашето тело секој ден има потреба од 2,5 литри вода. Сепак, во некои делови на земјата снабдувањето со вода е загрозено поради климатските промени.
Само 2,5 проценти од водата на нашата планета е слатководна и полезна за пиење. Со топењето на ледот од Алпите, Хималаите и Андите се добиваат три четвртини од резервите на слатка вода. Милијарди луѓе низ светот се зависни од водата од глечерите.
Промената на климата предизвикува двојно побрзо топење на глечерите
Доктор Силвија Хамбергер од Здружението за еколошки истражувања го набљудува овој процес во европските Алпи. Таа раководи со глечерската фото-архива:
„Врз основа на старите фотографии на глечерите го следевме топењето на мразот во последните три години. Шокирани сме од брзината со која глечерите се топат”, вели Силвија Хамбергер од Здружението за еколошки истражувања.
Во нормални климатски услови, глечерите не треба да се зголемуваат, ниту да се намалуваат. Ледот, кој во лето се топи, повторно се оформува во зима. Но, поради многу долгите и топли лета, глечерите многу побрзо се топат. Тој факт Лудвиг Браун, кој се наоѓа на чело на Комисијата за глациологија, го објаснува со штедењето во банка:
„Тоа е како оптовареноста на сметката во банка. Ако со години земаме повеќе пари од сметката, отколку што ставаме на неа, ќе имаме повеќе пари за трошење, но нашите резерви ќе исчезнуваат и со текот на времето ќе ги има се´ помалку.“
Нашата „водена сметка” со промената на климата е се´ попразна. Додуша, количеството вода на земјата останува непроменото, но не можеме да ги употребиме резервите. Во моментот кога глечерите ќе исчезнат и ќе исчезне и „заштедената“ вода за топлите лета. Ќе бидеме зависни од дождовите, кои, како што знаеме, се несигурни.
„Европа се наоѓа во влажна и умерена клима и глечерите за нас не се толку важни за снабдувањето со вода. Значи, и покрај фактот дека немаме глечери и понатаму имаме ’доволно вода’” објаснува Браун. Меѓутоа, додава тој, за другите делови на светот исчезнувањето на глечерите воедно значи и недостиг на вода.
Автор: Андре Шале / Светлана Брик
Редактор: Жана Ацеска