1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сојуз против детската порнографија

Мартин Кох/ Жана Ацеска20 ноември 2013

Тајните служби на САД и на Велика Британија најавија ангажман против детската порнографија. Свој придонес најавија и Гугл и Мајкрософт. Дали се работи само за реклама поради влошениот углед?

https://p.dw.com/p/1ALHd
Фотографија: picture-alliance/dpa

Станува збор за сојуз на „тешкаши“, создаден заради „лов“ на педофили на интернет: интернет-гигантите Мајкрософт и Гугл, како и тајните служби ГЦХКу од Велика Британија и НСА од САД во иднина заеднички ќе настапуваат против детската порнографија.

Тие го „напаѓаат“ проблемот од две различни страни: интернет-концерните најавија преку своите интернет-пребарувачи „бинг“ и „гугл“ филтрирање на сто илјади типични формулации преку кои интернет-корисниците бараат содржини со детска порнографија. Прво тоа ќе се врши на англиски јазик, но наскоро на табу-листата ќе се најдат 150 јазици. Бараните страници ќе бидат блокирани, а ќе се појавува предупредување дека се работи за забранети понуди.

Тајните служби пак во потрагата по криминалци и нивните жртви ќе побараат по најскриените и кодирани ќошиња на интернетот, т.н. даркнет.

Отежнување на влезот

Најчесто забранетите работи се случуваат на повеќекратно кодираните страници, недостапни за обичните корисници на интернет. Или овие даркнет форуми служат само за договор меѓу продуцентите и купувачите, а размената на фотографии или видеа со детска порнографија потоа се одвива сосема класично, во некои темни улички.

Deutschland Internet Sandro Gaycken
Сандро ГајкенФотографија: picture-alliance/dpa

Поради тоа интернет-експертот Сандро Гајкен од Слободниот универзитет Берлин идејата за ангажман на тајните служби ја смета за добра:

„Навистина има смисла ангажманот на тајните служби кои се во состојба да се инфилтрираат во вакви мрежи и да се движат низ нив, да набљудуваат, евентуално да остваруваат средби, класична разузнавачка истражувачка работа“.

За експертот и вклучувањето на Гугл и Мајкрософт е акција која ветува успех, зашто може да помогне во сузбивањето на криминалците:

„Со тоа ќе колабира масовниот пазар за производство на вакви производи. Тие тогаш можат да го прават тоа само во тесни кругови, што веќе не е толку атрактивно“. Се очекува на ваков начин понудата на материјал со детска порнографија да се намали до 30 проценти, со натамошни изострени методи ефектот би можел да биде и поголем, смета Гајкен.

John Carr Experte für Kinder Sicherheit in Internet
Џон КарФотографија: privat

Критичарите имаат друга аргументација - ваквото филтрирање на барани поими не е од голема помош зашто криминалните дејства претежно се одвиваат во „темниот интернет“. Британскиот владин советник Џон Кар му противречи на овој аргумент, истакнувајќи ја важноста од што поскоро „уловување“ на корисниците:

„Луѓето почнуваат во отворениот, јавен дел и дури кога се‘ повеќе ќе навлезат во криминалната материја, влегуваат во ’мрачниот интернет’“.

Тој се надева дека Мајкрософт и Гугл ќе успеат навреме да ги запрат луѓето, пред да стигнат до опасните ќошиња на интернетот.

Повеќе од маркетинг

По откривањето на шпионските активности на тајните служби минатите месеци и сознанијата за можната длабока инволвираност и на интернет-концерните, оркестрираната акција против детската порнографија наликува и на обид тие да се претстават во позитивна светлина.

Сандро Гајкен ја разбира оваа претпоставка, но не ја потврдува. Оваа акција е отпорано планирана и затоа не може да се оцени како реакција на најновите обвинувања, вели експертот за интернет.

Kinderpornografie Symbolbild
За полицијата е добредојдена секоја помош против детската порнографијаФотографија: picture-alliance / dpa

И полицискиот комесар Феликс Пихота од истражната единица „Детска порнографија“ во Покраинската служба за борба против криминалот во Хановер во Долна Саксонија во ангажманот на тајните служби и интернетските концерни гледа добредојдена поддршка за својата работа. Само во Долна Саксонија во 2011. година се регистрирани над илјада постапки против деликти во врска со детска и младинска порнографија. Затоа, секоја помош е од корист.

Често се вели - криминалците секогаш се чекор пред плицијата. Во потрагата по деликвенти од областа на детска порнографија е поинаку, вели инспекторот.

„Ние сме постојано во акција и следиме каде се одвиваат разговори и се врши размена на фотографии, никој не може да биде сигурен дека онаму каде се движи, полицијата не е присутна“. Вклучувањето на тајните служби според него може да има дополнително влијание на одвраќање.

Дискусија за граѓанските права

Пребарувачите на интернет всушност постојат заради она што го кажува и инивното име, да бараат содржини и да им ги направат достапни на корисниците. Ако се филтрираат инфирмации и дури податоците за корисниците натамошно се проследуваат, според Сандро Гајкен нем ада трае долго додека не станат гласни повиците кои во тоа ќе гледаат цензура и повреда на граѓанските права. Но, тука мора да се има јасен став. Детската порнографија нема ништо со знаењето и мислењето, туку е илегален производ, што оправдано може да се регулира со сета јачина, да се филтрира.