Сомнежи во прекинот на огнот во Алепо
9 декември 2016Напорите за доставување хуманитарна помош во Алепо не прекинуваат. Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека квартовите кои сѐ уште се под контрола на опозицијата се преполни, поради тоа што таму се избегани голем број луѓе. Натамошни напади и борби би можеле да предизвикаат голем број жртви.
Претходно, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на средбата на ОБСЕ во Хамбург изјави дека сириската армија ги прекинала нападите во Алепо, за да се обезбеди излез на околу 8000 цивили од градот.
Според информации на активисти, меѓутоа, борбите продолжиле и во текот на изминатата ноќ. Како што се тврди, сѐ уште се водат борби меѓу режимските сили и опозициските милиции.
ОН повикаа на итен прекин на огнот
Портпаролот на бунтовничките милиции Нур ал-Дин ал-Синки изјави дека сирискиот режим и Русија се обидуваат да ја шират веста за прекин на огнот, додека на терен и натаму има воздушни и артилериски напади. Претходно, ОН по којзнае кој пат повикаа на итен прекин на огнот. Шефот на хуманитарната мисија на ОН за Сирија, Јан Егеланд, изјави дека прекин на огнот е итно неопходен за од источен Алепо да може да се извлечат околу 500 болни и повредени деца. Доколку оружјето замолчи, персонал на ОН би можел во источниот дел на градот да однесе храна за околу 150.000 луѓе, нагласи Егеланд.
Според наводи на Џрвениот крст, во текот на ноќта првпат биле успешно евакуирани болни и цивили од источниот дел на Алепо. Околу 150 луѓе од болница во стариот дел на Алепо се пренесени во западниот дел од градот, кој е под контрола на сириските владини трупи. Поради тешките борби овие луѓе со денови не можеле да ја напуштат болницата.
Сирискиот властодржец Башар ал-Асад во интервју за сирискиот дневен весник „Ал-Ватан“ ги отфрли барањата за прекин на огнот и ги обвини САД дека бараат прекин на огнот само затоа што бунтовниците кои ги поддржувал Вашингтон се „во тешка состојба“.