Deutschland Bin Laden 1
2 мај 2011Осама бин Ладен беше еден од „најбруталните терористи во светот“, изјави германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, на итно закажаната прес-конференција во Берлин:
„Овој човек ги чинеше живот илјадници недолжни луѓе. Фактот дека активностите на овој терорист ќе бидат запрени, претставува добра вест за сите мирољубиви и слободољубиви луѓе во целиот свет“ , изјави Вестервеле.
Вестервеле: Будноста во наредниот период е приоритет
Борбата против тероризмот и експтремизмот, меѓутоа, не запира со смртта на Осама бин Ладен, потенцираше Вестервеле. Мора и натаму да се биде буден, бидејќи не може да исклучи можноста за одмазднички акции, рече Вестервеле.
Во овој контекст, министерот категорично го бранеше воениот ангажман на Германија во Авганистан, во кој ,како што рече, никогаш не станувало збор за борба против еден човек:
„Ние сме во Авганистан зашто сакаме да спречиме земјата повторно да стане прибежиште за терористите од целиот свет. Тоа е заштита на нашиот сопствен начин на живот во слобода“, рече Вестервеле.
Меркел: Решавачки удар против Ал Каеда
Слично како и шефот на дипломатијата реагираше и канцеларката Ангела Меркел. Со акцијата на американските командоси против Осама бин Ладен и неговото убиство на американската армија и‘ успеа да и‘ зададе „решавачки удар“ на Ал Каеда, се вели во соопштението издадено од кабинетот на канцеларката.
„Во негов директен налог и во негово име теророт беше проширен во многу земји. Тој беше насочен против мажи, жени и деца, христијани и муслимани“ , стои во изјавата на Меркел.
Синдикатот на полицијата во Германија (ГДП), во меѓувреме, предупреди од опасноста за одмазднички акции. „Не е исклучено , различни терористички групи да сакаат да се одмаздат за убиството на Осама бин Ладен“, изјави шефот на ГДП, Бернхад Витхаут.
Автор: Марсел Фирстенау / Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска