1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Образование без лице

Кристоф Хаселбах
8 февруари 2020

Хиџабот и бурката нема што да бараат во училиштата и на факултетите, сметаат политичари од различни партии. Некои од нив стравуваат дека забраната би можела да ја спречи интеграцијата.

https://p.dw.com/p/3XLS9
Deutschland Nikabträgerin in Offenbach am Main
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Се работи за само мал број жени и девојчиња во Германија. Веројатно бројката е двоцифрена. Па сепак, пресудата на Управниот суд во Хамбург предизвика жестока дебата. Се формираа изненадувачки фронтови: феминистките делумно се на иста страна како и политичката десница. Посебно поделени по ова прашање се Зелените.

Судот во Хамбург во понеделникот пресуди во корист на мајката на една ученичка. Според судот, 16-годишната ќерка смее да присуствува на настава со хиџаб. Училишната управа сакала да ја исклучи од наставата. Покривањето со хиџаб и бурка го кријат целото лице со исклучок на очите. Судиите се повикуваат на „безусловно заштитената слобода на верата", на која можела да се потпре ученичката. Повреда на таквата слобода била можна само доколку постои „доволно дефинирана законска основа"; таква пак во случајов немало во хамбуршкиот закон за образование.

Symbolbild: Kopftuch in der Schule
Слободата на вероисповед е заштитена со УставотФотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Секоја покраина има свој Закон за образование

Образовниот систем во Германија потпаѓа под ингеренциите на покраините, па така секоја од нив мора да носи свои закони за училиштата и факултетите. Во законот на Долна Саксонија од 2017 на пример пишува дека: „Ученичките и учениците не смее преку однесувањето или нивната облека на посебен начин да ја отежнуваат комуникацијата со останатите припадници на школскиот систем." Со тоа се забранува целосно покривање на лицето. Учениците во Баварија исто така „не смеат да го покриваат лицето, освен кога причини поврзани со училиштето го налагаат тоа".

Повеќе:

Европскиот суд дозволува забрана за носење шамија на работно место

Бугарија забрани носење на никаб и бурка

Франција веќе не толерира бурки

Правила има и на сојузно ниво. Вработени во државната администрација или припаднички на војската не смее да си го покриваат лицето кога се на служба. За граѓаните важи дека не смее да бидат целосно покриени кога возат автомобил. Хиџабот и бурката мора да ги тргнат и кога властите го контролираат идентитетот на лицето. Општа забрана за целосно покривање во јавност во Германија не постои.

Во други европски земји постои општа забрана за целосно покривање во јавност како на пример во Белгија, Франција, Холандија, Австрија и Данска.

Gesichtsverhüllungsverbot in Österreich
Покривање на лицето во јавност е забрането во АвстријаФотографија: picture-alliance/dpa/APA/B. Gindl

Бргу да се затворат законските дупки

Дупката во покраинскиот Закон за образование сега треба да биде брзо затворена од страна на Сенатот составен од СПД и Зелените. Сенаторот за образование Тис Рабе од СПД најави дека наскоро ќе има забрана за целосно покривање: „На училиште ученичките и учениците треба да имаат отворено и слободно лице, само така наставата и училиштето може да функционираат."

Заменикот градоначалник на Хамбург, Катарина Фегебанк од Зелените, се приклучува на таквиот став и додава дека: „Бурката и хиџабот за мене се симболи на репресија." Нејзиниот став е важе,н бидејќи на 23 февруари во Хамбург се гласа.

Во анкетите Зелените заостануваат малку зад Социјалдемократите, па Фегебанк може да се надева на врвното место. Опозицијата од ЦДУ, ФДП и АФД исто така е за забрана за носење бурка или хиџаб на настава.

Другите покраини ги следат. Во покраината Баден Виртемберг, во која владеачката коалиција е зелено-црна, министерката за култура Сузане Ајзенман исто така најави забрана преку измени во законот за школство. „Наставата се заснова на една отворена комуникација во која спаѓаат и гестикулации и мимики. Прекриено лице е пречка за ваква отворена комуникација“, вели таа. Религиозната слобода има свои граници ако наставникот и ученичките „не можат да се погледнат в лице“ во буквална смисла на зборот. Премиерот на Баден Виртемберг од Зелените, Винфрид Кречман се согласи и рече дека „во едно отворено општество лицето треба да се покаже."

Berlin Kreuzberg AfD-Wahlplakat
Забрана само би им одела на рака на десните популисти?Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Steinberg

Забраната би била пречка во образованието

Вакви категорични изјави не се нешто што се подразбира за Зелените. Како и партиската пријателка од Хамбург, Фегебанк, така и високите политичари од редовите на зелените од Баден Виртемберг Сандра Децер и Оливер Хилдебранд во бурката и хиџабот гледаат „симболи на угнетување“. Истовремено, тие ја критикуваат министерката за култура од ЦДУ, Ајзенман дека „со трчање по темата, на крај само се јакне десницата“.

Филиз Полат, портпаролка за миграциска политика на пратеничката група на Зелените, од друга страна пак смета дека едно демократско општество се одликува по тоа дали истакнува или се оградува од религиозни симболи. Според нејзе, Уставот не дозволува генерална забрана. Исто така, се бара државата да не спречува пристап до образование на верничките муслиманки преку забрана за забрадување. И пратеничката група на Зелените во покраинскиот парламент во Шлезвиг Холштајн настапи со истите аргументи на дебатата за целосна забрана за забрадување во средните училишта.

UK Proteste gegen Boris Johnson
Покривањето на лицето за едни е лична одлука, за други - симбол на потиснувањеФотографија: picture-alliance/empics/J. Brady

Опасност од маргинализација и радикализација

Бернард Кемпен, претседател на Германското универзитетско здружение прави слична диференцијација. За него е незамисливоцелосно забрадени жени да учествуваат на семинарите каде се работи во мали групи, додека предавањата се нешто сосем друго. Наспроти тоа, здруженијата на филолози сметаат дека хиџаб и бурка не само што треба да се забранат во сите училишта, туку и на универзитетите. Сејран Атес, активистка за женски права и коосновач на либералната берлинска Ибн-Рушд-Гете џамијата во интерес на училишната слобода радо би ги забранила сите религиозни и идеолошки симболи од училиштата, не само исламските. Експертот за ислам, Рием Шпилхаус, пак, предупредува дека маргинализација на оние кои носат бурка и хиџаб може да придонесе за радикализација на муслиманите. Наместо тоа, треба да се најде начин до нив да се допре со разговор.

Она што останува, е навистина многу мал број на целосно забрадени жени. Поради тоа, на пример, во Бремен нема потреба да се менува законот за школство. Таму нема ниту еден таков случај, поради што властите во Бремен велат дека нема потреба од промена на законот.