Словенците се борат за двојазичност во Австрија
11 мај 2011Машки хор во Корушка пее песна, посветена на долината, што ја нарекува свој дом - Лавантал. Пејат на германски, но истите чувства можат да се изразат и на словенечки. Имено, во тој дел на Австрија бројот на словенечкото малцинство е доста голем и двете култури ја делат големата љубов кон хоровите. Но, она што не можеа да споделат, барем досега, е договор околу ознаките на влезовите од градовите и селата во областа. Дали треба да бидат напишани на германски, или, пак, на германски и на словенечки? Иако проблемот на прв поглед изгледа површно, дебатата трае веќе со децении. А, поранешниот покраински премиер од редовите на десницата, Јерг Хајдер, само уште повеќе додаваше масло на огнот. При настап во градот Блајбург, или Плиберк на словенечки, Хајдер им вели на насобраните дека е сосема во ред тоа што името на градот е напишано правилно, односно на германски и дека нема потреба од втор знак на влезот, на словенечки. Неговите приврзаници аплаудираат.
Бернхард Перхинг е експерт за миграциски прашања и човекови права од Дунавскиот универзитет и по потекло е Словенец од Корушка. Тој нагласува дека дури по смртта на Хајдер, во сообраќајна несреќа во 2008 година, станало можно да се најде решение на проблемот: „Хајдер отсекогаш ја позиционираше Корушка како спротивност на Австрија и не беше од оние кои одговараат на критиките. Во меѓувреме, економската елита во Корушка, но и политичарите, сфатија дека имиџот на областа е тешко оштетен од конфликтот и затоа бараат излез од кризата, за доброто на економскиот развој и за нормализација на односите.“
Дали Австрија и Словенија брзо ќе се договорат?
Државниот договор од 1955 година предвидува Австрија да ги заштитува правата на уставните малцинства, меѓу кои и правото на сопствен јазик и ознаки на местата на тој јазик. Во најголемиот дел од земјата, нема никакви проблеми при спроведувањето на законот. Во покраината Бургенланд или Градишче на хрватски, на пример, има голем број знаци напишани и на германски и на хрватски јазик, бидејќи таму е голем бројот на Хрвати. Но, кога во седумдесеттите години двојазичните знаци се појавија во Корушка, уште следниот ден беа вандализирани од припадници на австриското мнозинство. Требаше да помине половина век, додека се дојде до договор дека наместо осумдесет знаци, треба да се постават двојно повеќе на двата јазика. Но, дали тоа ќе биде доволно за да се зачува словенечкиот јазик во Корушка?
„Има зголемен интерес за изучување на словенечкиот, меѓутоа се забележува пад во употребата на јазикот во секојдневниот живот. Мои пријатели, кои предаваат во словенечката гимназија во Клагенфурт, ми велат дека учениците зборуваат германски и во нивното слободно време. Словенечкиот преминува во втор јазик, како англискиот или францускиот“, вели експертот Перхинг.
На крајот дури и претседателите на Австрија и Словенија мораа да ургираат за постигнување договор меѓу двете етнички групи во Корушка. При посетата на Словенија, на само неколку дена пред конечните преговори, австрискиот претседател Хајнц Фишер, истакна дека двете страни мора да се согласат на компромис:
„Ако Словенија даде позитивен, охрабрувачки сигнал кон словенечкото малцинство, тоа многу ќе ни помогне. Исто така, ќе биде од голема помош, доколку Словенија ги зголеми своите напори околу малото германско малцинство, што денес живее во таа земја“, рече Фишер.
Дел од репението ќе биде и негувањето на словенечкиот јазик
Словенечкиот претседател Данило Тирк, пак, апелираше договорот во Корушка да не се однесува само на знаците со имињата на местата.
„Јас се залагам за пакет-решение, каде прашањето околу знаците со имињата на местата ќе биде само еден од решените проблеми. Мора да се утврди дали во пракса постои доволно образование на словенечки јазик во Корушка, со цел јазикот да може да се одржи. Тоа исто така мора да биде дел од дебатата“, истакна Тирк.
Во принцип договорот предвидува билингвални детски градинки и повеќе финансиски средства за медиумите на словенечки јазик. Лидерите на словенечкото малцинство говорат за компромис, но експертите се среќни што Корушка конечно ќе почне да ги исполнува обврските, предвидени со уставот на Австрија. Според спогодбата, ќе се одвојуваат повеќе средства за образованието по словенечката традиционална музика. Во иднина двете етнички групи во Корушка можеби нема да пејат на ист јазик, но надежите се дека во областа сепак ќе владее хармонија.
Автор: Кери Скајринг / Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска