Слободен пат за влез на Хрватска во ЕУ
24 јуни 2011Хрватска ќе стане 28-ма земја-членка на ЕУ. Шефовите на држави и влади на Унијата денеска (24.06.2011) во Брисел донесоа одлука за завршување на пристапните преговори со Загреб, кои се водат од 2005 година. Преговорите треба да бидат завршени до крајот на месецот со цел договорот за членство да може да биде потпишан до крајот на годината.
Официјалниот влез на земјата во европското семејство потоа треба да се случи на 1. јули 2013 година.
Во усвоените заклучоци на Самитот уште се истакнува дека до приемот Хрватска ќе остане под надзор на експерти на ЕУ, кои треба да утврдат дали земјата навистина ги исполнува сите критериуми за присоединување.
Неодминлива тема-Грција
Иако одлуката за Хрватска во други времиња би била без сомнение најважна на Самитот, тоа овојпат не е случај поради драматичната должничка криза во Грција. Европските лидери меѓутоа и во овој случај се погрижија за добри вести, ветувајќи и‘ на владата во Атина натамошна помош.
Шефовите на држави и на влади им наложија на надлежните министри за финансии до почетокот на јули да ги довршат подготвките за следниот пакет-помош во висина од 120 милијарди евра. Предуслов за натамошната помош е парламентот во Атина следната недела да го усвои предлог-пакетот мерки на владата за штедење и приватизација во висина од вкупно 78 милијарди евра. Од тоа ќе зависи и исплатата на следната транша помош од првиот пакет на ЕУ и ММФ од 12 милијарди евра, без која Грција би банкротирала веќе во средината на јули. Германската канцеларка Ангела Меркел на завршната прес конференција во Брисел изрази оптимизам во врска со одлуката на грчкиот парламент:
„ Поаѓам од тоа дека ќе биде сторено се‘ гласањето да мине позитивно. И поаѓам од тоа дека министрите за финансии на состанокот на 3 јули ќе можат да ги разработат сите аспекти , со што ќе се покаже и солидарната страна на помошта за Грција“, рече Меркел.
Анализа за Шенгенскиот договор
На Самитот во Брисел е постигнат и договор во иднина да бидат дозволени привремени враќања на граничните контроли во Шенгенскиот простор. Во нацртот на завршната декларација од самитот во Брисел тие ја задолжуваат Европската комисија до септември да изработи анализа дали за таа цел треба да се менува постојниот Шенгенски договор. Учесниците на самитот меѓутоа предупредуваат дека клучен е принципот на слобода на движење и дека таквите мерки треба да имаат само временски и просторно ограничен карактер, како и да служат исклучително за борба против нелегалното доселување.
Лидерите на ЕУ во Брисел ги надминаа и последните недоразбирање во врска со именувањето на новите шест членови на директориумот на Европската централна банка. Тоа значи и дека на назначувањето на италијанецот Марио Драги за нов шеф на Европската централна банка не му стои ништо повеќе на патот. Драги ќе ја преземе функцијата од Жан Клод Трише во ноември.
Автор: СН/ЖА/ртре/дпа/дв
Редактор: Жана Ацеска