1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот и ЕУ: Економско, пред политичко обединување

БГ
26 октомври 2019

Македонскиот државен врв веќе усвои позиција дека нема да прифати алтернативи на членството во ЕУ, но некои држави и експерти веќе работат на резервни сценарија кои треба да го подбутнат процесот.

https://p.dw.com/p/3Rzlx
Polen Westbalkankonferenz in Poznan
Фотографија: picture-alliance/AA/O. Marques

Неуспехот на ЕУ на самитот во Брисел да им ги отвори вратите на Северна Македонија и Албанија отвори многу прашања за иднината на проширувањето. Во јавноста веќе проструи (старата) идеја за привилегирано партнерство, а германскиот експерт Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност нуди и малку поинаква опција која би и дала предност на економската, пред политичката интеграција- членство во Европската економска зона.
Свесни за алтернативите кои (им) се нудат, македонскиот државен врв и опозицијата уште на средбата кај шефот на државата Стево Пендаровски усогласија заеднички став дека нема да се прифати ништо друго освен полноправно членство во ЕУ.
Денеска и премиерот Зоран Заев уште еднаш потенцираше дека „нашето место е во ЕУ и нема да прифатиме никакви понуди за договори за некакви пактови или економски сојузи“.
Вчера Кнаус ја образложи својата идеја која веќе подолго време се врти по кулоарите на Брисел и во неколку европски главни градови. Она што е важно е фактот дека Кнаус ги отфрла предлозите за здружување од „Б“ категорија како што е „привилегираното партнерство“. Ваквите предлози ќе предизвикаат контра-ефект и нема да го зголемат влијанието на ЕУ, вели Кнаус, додавајќи дека ниту продолжувањето со преговори во актуелната ситуација ќе биде  многу ветувачки.
Кнаус проценува дека со ставот на Макрон е ставен крај на политиката на „неизбежно проширување“. Но во истовреме, исклучувањето на натамошното проширување по сите ветувања кои ги даде Европскиот совет во изминатите години и децении, ќе биде еднакво лошо.
„Потребен е процес кој нема да биде замена за членството, но ќе биде поинаков; процес кој ќе го одржи влијанието на ЕУ, но во истовреме ќе биде атрактивен и кредибилен за балканската јавност и лидерите; процес кој ветува корист, не во далечна иднина, туку од самиот почеток.
Таков процес, според Кнаус, веќе постои, а тоа е Европската економска зона (ЕЕА European Economic Area).

Gerald Knaus im DW Interview
Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилностФотографија: DW

Влез во заедничкиот пазар
ЕЕА стапи во сила во јануари 1994 година, со цел да креира „хомогена европска економска област“. Организација се базира врз четири слободи: слободно движење на капитал, луѓе, услуги и стоки; а кон нив се надоврзуваат и конкурентност, државна помош, заштита на потрошувачи, животна средина, статистика и други области. Две северноевропски земји, покрај членките на ЕУ, се дел од неа- Норвешка и Исланд, а Кнаус ги смета за пример како и балканските земји да ги развиваат односите со ЕУ.
Кнаус ги цитира искуствата на Финска и Шведска- кои биле дел од зоната пред да станат полноправи членки на ЕУ- како многу позитивни.
Конкретно, идејата на Кнаус е дека ЕУ треба да им понуди на сите шест земји од Западниот Балкан влез во заедничкиот пазар, а потоа радикално да ја реформира методологијата за проверка на напредокот.
Тоа, потенцира Кнаус, не е крај на ветувањето за членство, туку негово забрзување.
Експертот смета дека понудата ќе биде атрактивна, затоа што ги покрива сите клучни области кои им значат на потенцијалните инвеститори, и воведува европски стандарди. Притоа, Кнаус предлага ЕУ да ги зголеми ресурсите за Западниот Балкан за да ја направи понудата поатрактивна.
„Оваа врска не е гаранција за идно членство- но денес ништо не е. Но не е ниту помладо партнерство кое исклучува идно членство. Тоа само ја прави секоја идна дебата за членство покредибилна, кога ќе дојде времето за тоа“, тврди Кнаус. 

Zoran Zaev Premierminister von Nord Mazedonien
Премиерот Заев и македонскиот државен врв отфрлаат алтернативи на полноправното членство во ЕУФотографија: DW/P. Stojanovski

Без демотивирачки вета
Наместо досегашните Поглавја, германскиот експерт предлага да се воведат „патокази“ со барања во клучните сектори кои би контролирале тимови на експерти на Европската комисија, но и на земјите-членки.
„Нема повеќе да има демотивирачки вета, а земјите во регионот ќе можат да се натпреваруваат во спроведувањето на реформите. (...) Со обврзаноста кон заедничкиот пазар, влијанието на надворешните актери како Кина или Русија ќе биде субјект на истите ограничувања на Западниот Балкан како и во ЕУ.“
„Сето тоа треба да се искомбинира со финансиски награди: „повеќе за повеќе“, грантови и инвестиции во земјите на кои добро им оди со административните и правосудните реформи“, предлага Кнаус.
За сето тоа да функционира ќе биде потребно спроведување на реформите во областа на владеењето на правото.
„Државите кои ги нарушуваат основните човекови права или им се закануваат на соседите ќе можат да бидат исклучени или суспендирани- тоа е реверзибилноста која ја бара Макрон. Сето тоа може да започне од самитот во Загреб за време на хрватското претседавање со ЕУ“, предлага Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност.