1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопскиот Џез фестивал- светски бренд

24 октомври 2010

Во Скопје завршува 29-то издание на Џез фестивалот. Во изминатите години овој културен настан се потврди со квалитетот и достигна светско реноме. За фестивалот зборуваат докажани џезери и директорот Оливер Белопета.

https://p.dw.com/p/PktT
Фотографија: Petr Stojanovski

Скопскиот џез фестивал стана познат и признат културен настан што секоја есен ја собира џез публиката во Универзалната сала во Скопје. Во меѓувреме џезерите од Македонија за да ја задоволат својата страст мораат да патуваат во Белград, Софија, Загреб, Љубљана. Скопје го има популарниот џез фестивал но во градот нема ниту еден џез клуб.

Директорот Оливер Белопета во разговорот за Дојче Веле е скромен кога зборува за фестивалот.

“Јас не го гледам како бренд, тој повеќе е бренд во Европа и во светот отколку кај нас, но се разбира дека е музички амбасадор“.

Во Македонија еден од најстрасните вљубеници во џезот е професорот од Правниот Факултет Гордан Калајџиев. Ја поседува најголемата колекција на џез музика, а не пропушта ниту една фестивалска вечер. Во меѓувреме патува низ Европа во потрага по музички настан што ќе го задоволи неговиот префинет џезерски вкус.

“Најдолго што сум патувал специјално за фестивал е Лисабон, повеќе од 10 илјади километри“.

Скопје има Џез фестивал, но нема џез клуб

Музичкиот новинар уредник во легандарната 103 Костадин Шурбановски жали што во Скопје нема клуб каде ќе се собира џез публиката ниту пак може да го објасни овој феномен.

“Едно време имаше тренд да се отвораат џез клубови но ги снема или се претворија во нешто што нема врска со џез“.

Џезот како еден од најавангардните музички правци успева да регрутира публика во една традиционална средина каква што е Македонија. Тренд, помодарство, или вистинска љубители?

“Скопје изгради добра публика. Се зборува дека луѓето одат на Џез фестивал за да бидат видени но мислам дека не е така. Џезот е тип музика која ако не ја сакате може да биде напорна“, вели Калајџиев.

Panoramablick über Skopje Flash-Galerie
Скопје нема џез-клубФотографија: Dalibor Stajikj

Белопета зборува за смената на генерации и за перспективите на џез музиката.

“Добро се пробива Џез фестивалот. Сега се гради една нова генерација и публика што не е едноставен процес“.

Фестивалот годинава започна со концертот на кубанскиот квартет на пијанистот и композитор Омар Соса и вокалистката Марија Пиа де Вито од Италија. Организацијата на фестивалот чини околу 200 илјади евра, обезбедени од спонзори, државата и градот Скопје и од продажба на влезници.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Борис Георгиевски