Сиромашните Германци живеат во градовите, богатите на село?
25 август 2014Германија, речиси 25 години по падот на Ѕидот: „новите“ и „старите“ покраини (источните и западните, н.з.) во овој период се изменија значително. Многу пари во изминатите децении се влеаја во изградбата на истокот. Секоја година милијарди евра одеа за инфраструктура, за поддршка на финансиски слабите општини. Што парите им донесоа на луѓето? Дали разликите меѓу истокот и западот на Германија се се‘ уште големи?
Михаел Хитер одговара дека не се толку големи како што се мисли. Директорот на Институтот за германска економија во Келн денеска (25.08) објави студија на тема сиромаштија во Германија и заклучува дека не треба да се гледаат само платите, туку треба да се фрли прецизен поглед на тоа што луѓето со нето примањата во Германија за тие пари можат и навистина да купат.
„Борба против сиромаштијата е неопходна во градовите“
Во големи делови на истокот на Германија животот не е толку скап како во западниот дел, за што меѓу другото придонесуваат пониските станарини. Тоа значи дека луѓето на истокот заработуваа помалку, но сепак можат да си дозволат повеќе. Во Германија за сиромашен се смета секој кој на располагање има помалку од 870 евра нето месечно. На истокот, меѓутоа, со тие пари месецот се минува подобро отколку во западниот дел на земјата. Еден самец во Минхен треба да има најмалку 1030 евра за да си го дозволи истото како и еден просечен германски граѓанин. Минхен е скап град.
И токму на тоа се фокусира анализата на Хитер - големите разлики не постојат меѓу истокот и западот на земјата, туку меѓу градовите и селата. „Перспективата на политиката против сиромаштијата во земјата лежи во големите градови“, убеден е тој.
Според студијата, во градовите има натпропорционално луѓе од т.н. ризични групи: „Невработени, самохрани родители, семејства со мигрантско потекло, каде приходите се вообичаено пониски.“ Германската политика, оценува Хитер, треба да се концентрира токму на овие групи за поефикасно да може да се бори против сиромаштијата во земјата.
Институтот на германската економија (ИВ) оценува дека проблемот во градовите се влошил во текот на последните години. Луѓето во градовите, според пресметките на ИВ, за своите пари можат да си дозволат многу помалку од луѓето во селските региони, каде куповната моќ останала речиси стабилна. Особено лоша е ситуацијата во Келн, Дортмунд и Дуизбург, но и во Франкфурт и Хановер.
Келнскиот политиколог Кристоф Бутервеге не е изненаден од студијата на Институтот на германската економија. Но тој не верува дека ИВ извлекува исправни заклучоци од ситуацијата која е опишана. „Не смее сиромашните во Дортмунд, Дуизбург и Бремерхафен да се стават наспроти сиромашните кои на истокот ги има се‘ уште во многу голем број.“ Целта мора да биде платите да се зголемат секаде каде што се прениски, вели Бутервеге. За борбата против сиромаштијата да биде ефикасна, нагласува тој, треба да се почне да се зборува за богатството во Германија и за тоа како благосостојбата да биде поправедно распределена.