1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се шири скандалот околу германската секција на УНИЦЕФ

Дафне Антахопулос5 февруари 2008

Скандалот со наводните нерегуларности во германската секција на УНИЦЕФ отиде до таму, што досегашната претседателка Хајде Симонис поднесе оставка.

https://p.dw.com/p/D2qV
Досегашната претседателка на УНИЦЕФ, Хајде Симонис и извршниот директор Дитрих ГарлихсФотографија: AP
Ненадминливи разлики со останатите членови на Управниот одбор околу аферата – тоа е основната причина за оставката на Хајде Симонис на функцијата претедател на германската секција на УНИЦЕФ. Во интервју за Радио Хесен таа порача:


„Мојата мотивација беше да кажам: да, ако имало грешки тогаш ќе ги откриеме и ќе објавиме како ќе го сториме тоа за да не се случат во иднина. Но, во дебатата околу оваа точка потрошивме толку сила, што за мене нема повеќе смисла да ја вршам таа функција.„


Хајде Симонис бара забрзано расчистување на сите обвинувања. Станува збор за наводна проневера на милиони евра, поради што Јавното обвинителство во Келн веќе поведе истражна постапка против раководителот на УНИЦЕФ Дитрих Гарлихс.


Аферата се шири понатаму


Според најновите информации на „Франкфуртер рундшау„ претпријатието за финансиска контрола КПМГ тврди дека еден критички извештај за работењето на УНИЦЕФ што го изработиле неговите експерти бил разубавен од страна на соработниците на УНИЦЕФ. Конкретно станувало збор за кршење на постоечките правила за извршување трансакции. Така немало писмени договори за налози на надворешни советници.


Вршителот на функцијата претесдател на Управниот одбор на УНИЦЕФ Рајнхард Шлагинтвајт има свое објаснување за критиките на претпријатието за финансиска контрола.


„Тоа вели дека немало никакво расфрлање со средства, немало нерегуларно повластување, ниту пак кршење на правото и законите. Она што фирмата го вели е дека неформално сме се однесувале и со тоа сме ги прекршиле сопствените правила, според кои договорите мора секогаш да бидат со два потписа, а во УНИЦЕФ се случувало тие да бидат склучувани преку електронско писмо или дури по усмен договор.„


Што се однесува до приговорот дека германската секција на УНИЦЕФ се расфрлала со пари за советнички услуги, Шлагинтвајт вели:


„Тие ни потврдија дека преку овие договори сме заштедиле пари. Да не сме ги склучеле со надворешни советници, тогаш ќе сме морале да вработиме советници од кои подоцна не би можеле да се ослободиме, а нивната задача била од привремен карактер.„


Последици веќе има


Сега главниот збор го има Јавното обвинителство, но и пред да биде расчистена аферата, УНИЦЕФ веќе трпи видливи последици. Голем број долготрајни донатори веќе се повлекоа, а истото се случува и со многумина од осумте илјади волонтери, кои со години работат за германската секција на Организацијата на ОН за помош на децата.