Се прикриваат рударските несреќи во БиХ?
8 септември 2014Јамата „Распоточје“ на Рудникот за јаглен „Зеница“, во кој на длабочина од 500 метри се случи уште една трагедија, во која животот го изгубија пет рудари, е постојана мета на несреќи. Инцидентот од минатиот четврток (04.09.) се случи како последица на земјотрес кој предизвика неконтролирано, односно ненадејно одронување на големи количини на околните карпи во окното на рудникот. Ова е само една од низата трагедии кои се имаат случено во јагленокопот „Распоточје“, вели за ДВ босанскиот новинар Џемалудин Рамиќ. Тој потсетува дека пред помалку од една година во истиот рудник беа повредени 11 работници, а пред помалку од месец дена на истото место биле повредени уште двајца рудари. И во двата случаи причината била земјотрес, вели Рамиќ.
Во црната историја на „Распоточје“ запишан е 12 мај 1982 година, кога при експлозија на метан настрадаа вкупно 39 рудари. На 23 март 2010 година, пак, во два земјотреси беа повредени 13 рудари, а на 30 декември 2011 година 11 рудари. Џемалудин Рамиќ вели дека во јамата „Распоточје“ на Рудникот за јаглен „Зеница“ ископувања на јаглен се вршат уште од 1962 година.
„За половина век малку работи се имаат променето во однос на начинот на ископувањето. Примарна е физичката работа. Во својата работна опрема, рударите имаат уреди кои ја покажуваат концентрацијата на плин, температурата и нивото на јаглерод моноксид, но во длабочината на подземјето нивните животи се секојдневно изложени и на други видови на ризик, како што се земјотресите и одрнонувањето на карпите, кои не може да се предвидат”, вели Рамиќ.
Системски грешки
Секојдневието на рударските работници, властите за жал го приметуваат откако ќе се случат несреќите и единствено тогаш ветуваат и гарантираат дека ќе почне повеќе да се инвестира во обезбедувањето услови за работа во рудниците. Од пред три години, кога рудниците станаа дел од концернот „Електростопанство на БиХ“, почна малку повеќе да се инвестира во заштитата на работниците, вели Рамиќ. Дотогаш рудниците одвај успеваа да им обезбедат плата на своите вработени.
Во заедница со „Електростопанство на БиХ“, одредени рудници добија современи метанометриски станици, полека почна да пристигнува механизацијата и да ја заменува физичката работа, но од ненадејните краткотрајни земјотреси нема спас. „Мора да се има на ум дека овој инцидент можел да има уште покатастрофални последици”, вели Рамиќ.
Претставниците од „Електростопанство на БиХ“ потенцираат дека досега во рудниците биле инвестирани вкупно 150 милиони конвертибилни марки, а до крајот на годинава вкупните инвестиции би требало да достигнат до 204 милиони конвертабилни марки. Експертите не го оспоруваат фактот дека инвестиции има, но истакнуваат дека честопати се несистемски и дека проектите за безбедноста во рудниците, превенција и брза реакција во случаи на несреќа се несоодветни.
„Заробени сме во системски неуспеси и дефекти, кои се случуваат уште од крајот на војната. Проблемот е во методологијата на пишувањето на прописите, начинот на примена на инспекција, а постојат и доста ограничувања во примената на рударските закони”, вели Един Делиќ, професор на Рударско-геолошкиот факултет во Тузла.
Квалитетните инженери - дистанцирани
Претседателот на „Синдикатот на рударите од Федерацијата БиХ“, Синан Хусиќ, потенцира дека по спојувањето со „Електростопанство на БиХ“ условите за работа во рудниците се во извесна мера подобрени. „Но, кога станува збор за условите за работа во рудниците со подземна експлоатација, тие се секогаш изискувачки и секогаш може да бидат подобрени. Најисплатлива инвестиција е онаа во безбедноста на работното место”, вели Хусиќ.
Поранешниот рударски инспектор и член на службата за развој и проектирање на рудници, Ќамил Заимовиќ, во разговор за „Ал Џезеира Балканс“, вели дека рударските несреќи во БиХ честопати се заташкуваат. Најголем виновник според него за тоа е концернот „Електростопанство на БиХ“.
„Таквите несреќи се прикриваат и тоа често. Наместо да се обратат кај експерти, тие купуваат опрема која не одговара. Едноставно струката е занемарена, како и квалитетните инженери, и покрај тоа што ги имаме многу на број. Тие се дистанцирани, а се поставуваат послушни политички кадри, кои не се квалификувани за таа работа. Само во рудникот ’Бреза’ во последните две години имавме седум смртни случаи, кои скоро и да беа прикриени. Рударството нема да може на ваков начин да опстане. Безбедноста во босанските рудници е тотално запоставена, а посебно во рудниците со метан и јаглена прашина“, изјави Заимовиќ.