Се зголемува бројот на Турци кои добиле азил во Германија
3 март 2018Во јануари годинава биле одобрени 38,2% од барањата на Турци за азил во Германија, се вели во одговорот на германското Министерство за внатрешни работи на прашање на пратеничката во Бундестагот, Севим Дагделен. Весниците од Медиумската група Функе денеска го објавија одговорот, во кој стои дека во јануари минатата година квотата на одобрени барања за азил изнесувала 6,4%, а само шест месеци подоцна, во јули 2017-та изнесувала 22%. Во јануари 2018 година била донесена одлука по 1.074 барања на Турци за азил, од кои се одобрени 410.
Повеќе:
- Турски војници бараат азил во Германија
- Шпионирани турски баратели на азил во Германија
Севим Дагделен, заменик-шеф на пратеничката група на Левицата во Бундестагот, ја критикува политиката кон Турција на германската влада. „Високата квота на одобрени барања за азил уште еднаш покажува дека Турција ниту е правна држава ниту е демократска земја“, изјави Дагделен. Според нејзе, „политички е апсолутно неодговорно“ да се дава дозвола за натамошна испорака на оружје за Турција, зашто на тој начин само се создаваат „нови причини за бегство“. „Наместо благ курс кон режимот на Ердоган, неопходно е веднаш да се запре доставувањето оружје и да се замрзнат преговорите за приклучување кон ЕУ“, нагласува Дагделен.
Турција со месеци е мета на критики, поради тоа што владата на Ердоган по задушувањето на обидот за пуч во јули 2016 година воведе вонредна состојба и прогласи „чистење“. Оттогаш се уапсени повеќе од 50.000 луѓе, а суспендирани или отпуштени од работа се 150.000 државни службеници. ЕУ изразува загриженост поради состојбата со човековите права и критикува дека Турција се оддалечува од принципите на правна држава. Владата во Анкара постојано ги отфрла обвинувањата.