1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корона кластер во ВМРО-ДПМНЕ?

9 ноември 2021

Кочанскиот градоначалник, Љупчо Папазов, е позитивен на коронавирус само два дена откако имаше контакт со сите градоначалници и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

https://p.dw.com/p/42nNF
Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Кочанскиот градоначалник, Љупчо Папазов, кој пред два дена колабираше на прес- конференција во централата на опозицијата во Скопје, е позитивен на Ковид -19. Тој пред два дена имаше контакт со сите градоначалници од ВМРО- ДПМНЕ, но и со лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Засега нема информации дали и некој друг од градоначалници кои што присуствуваа на партиската прес- конференција во Скопје е позитивен на вирусот или е во изолација.  

На Папазов му се слоши за време на прес-конференцијата во неделата на партискиот лидер Христијан Мицкоски. Додека првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ одговараше на новинарски прашања, а зад него стоеја новоизбраните градоначалници, Папазов колабираше, па мораа да го придржат сопартијците кои беа во негова близина. Мицкоски ја прекина прес-конференцијата, а подоцна на социјалните мрежи објави заедничка фотографија со Папазов, информирајќи дека тој е во ред.

„Интензивен период беше и тоа си го зема данокот… Поминавме многу, ќе поминеме уште повеќе. Сложно и братски. А, тој ќе мора да вети покрај другите работи на кои сите се обврзавме денес, дека нема да го прескокнува појадокот“, порача Мицкоски. 

На гласање во скафандери?

Папазов попладнево добил позитивен резултат на ПЦР-тестот што го направил во кочанскиот Центар за јавно здравје. Тој се посомневал за неговата здравствена состојба откако направил брз текст кој исто така бил позитивен. Бил прегледан во штипскиот ковид центар, но не е задржан на болничко лекување.

Во кусата телефонска изјава за МИА, Папазов потврди дека се чувстува добро, без видливи симптоми на Ковид-19, иако и двата теста го потврдиле присуството на коронавирусот. Папазов вчера ја презеде градоначалничката функција, но од денеска е на боледување и работните обврски ќе ги координира од домашна изолација.

Деновиве беше објавено дека и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и пратеничката Ангелинка Петкова се во изолација, но се очекува дека во четврток ќе дојдат во Собрание на седницата по поднесената Иницијативата за изгласување недоверба на Владата. Тие во скафандери ќе присуствуваат на седницата, согласно протоколот што во април беше донесен од Комисијата за заразни болести.