1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папуљас во Берлин: посета со предисторија

Панајотис Купаранис / Симе Недевски12 септември 2014

За време на средбата во Берлин меѓу претседателите на Грција и на Германија ќе стане збор за германско-грчката служба за млади и идните фондови за обработка на минатото - но не само за тоа.

https://p.dw.com/p/1DBDA
Фотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Како германскиот претседател, така и шефот на грчката држава немаат можност активно да ја обликуваат политиката. Она што им преостанува за сепак да имаат некакво политичко влијание е „моќта на зборот“. Ваквата можност не ја користи само Јоахим Гаук, како на пример за време на неговите посети на Турција и на Полска, туку и Каролос Папуљас.

Кога во март годинава во Атина го прими во посета германскиот претседател Гаук, Папуљас од Германија побара воена отштета и исплаќање репарации, кои произлегуваат од германската окупација на Грција за време на Втората светска војна. Гаук, во согласност со неговата функција, истакна дека според официјалната германска позиција, веќе нема да има разгледување на такви барања. Во Берлин се стравува дека земањето предвид на грчкото барање би претставувало преседан, на кој можат да се повикаат и други земји кои своевремено биле окупирани од германскиот Вермахт. Неизвесно е дали Папуљас својата последна официјална посета на Берлин ќе ја искористи за тоа Германија повторно да ја повика на одговорност.

Bundestagswahl 2013 Reaktion Griechenland
Фотографија: imago stock&people

Германско-грчка служба за млади

Најдоцна по избувнувањето на економската криза во Грција стана очигледно дека Втората светска војна и натаму фрла сенка врз германско-грчките односи. Нападите од Германија против Грците за наводни карактерни особини, како мрзеливост и поткупливост, во Грција наидоа на одговор во кој на Германија ѝ се префрлуваше за нацизмот. Дури во една таква ситуација, германската влада на предупредување и предлог на историчарите и дипломатите се одлучи повеќе да се потруди околу германско-грчките односи. Реултат на тоа беше основањето на германско-грчка служба за млади, по примерот на таквите служби со Франција и Полска. Во присуство на двајцата претседатели денеска (12.09) се потпишува соодветниот договор.

Според проценките на Ралф Штекел, кој од германска страна е одговорен за формирањето на службата за млади, таа со работа ќе започне во 2016. година. Владите во Атина и во Берлин за таа цел планираат годишно да обезбедат секоја по два до три милиони евра. Грција притоа ќе користи средства од структурните фондови на ЕУ и со тоа би се финансирале заеднички активности на германските и грчките деца и млади - од патувања до заеднички проекти на граѓански иницијативи. Резултатите од заедничката работа на децата и младите ќе се покажат на долг рок, кога тие како квалификувани работници, лекари инженери, политичари или учители ќе станат мултипликатори и амбасадори на меѓусебното разбирање, сметаат експертите. Тие предупредуваат дека притоа мора да се внимава службата за млади да не стане топка за подигрување на политичките партии.

Фондови на иднината со поглед кон минатото

SS-Massaker im griechischen Distomo 1944
Фотографија: picture-alliance/dpa

За разлика од службата за млади, фондовите за иднината се чисто германска творба. Тие на годишно ниво ќе бидат финансирани со еден милион евра од државниот буџет. Со по половина од тие сретства ќе располагаат Министерството за надворешни работи и Германската академска служба за размена (ДААД).

Главна задача на фондовите на иднината ќе биде соочувањето и обработувањето на минатото на германско-грчките односи, при што фокусот ќе биде ставен на германската окупација на Грција за време на Втората светска војна. За таа цел се предвидени стипендии за истражувачи, финансирање на доцентски места на германските и грчките универзитети, како и научни советувања. И не само тоа. Од овие фондови се финансира на пример и патувањето на 15 помлади грчки новинари, кои во моментов престојуваат во Берлин. Тие потекнуваат од места во Грција кои биле средиште на германските воени злосторства. Непосредно потоа и млади германски новинари би требало да ги посетата овие места на страдање на Грците за време на Втората светска војна.