1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секуларните Турци се чувствуваат изолирани

Диего Куполо,Анкара/НД21 јули 2016

Замолкнати од чистката и апсењата кои следуваа по обидот за пуч, секуларните Турци се повеќе се чувствуваат безгласни. Диего Куполо известува од Анкара

https://p.dw.com/p/1JSUm
Фотографија: DW/D. Cupolo

Додека поддржувачите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги полнеа улиците за време на викендот, пеејќи песни за подршка на владата и извикувајќи исламистички пароли, секуларните Турци останаа тивки во своите домови.
Неуспешниот обид да се симне од власт владејачката АКП беше триумф за турското муслиманско мнозинство кое го поддржува Ердоган не само затоа што е лидер со исламски сфаќања, но и затоа што е решен да остане на власт. Турција има долга историја на воени удари со кои од власт беа симнати лидери кои своевремено важеа за „премногу леви“ или „претерано муслимани“. Фактот што Ердоган го преживеа последниот обид е само поткрепа дека во Турција има мнозинство кое веќе подолго време се чувствува потиснато од секуларниот устав.

Загрижени се секуларните и воздржаните Турци кои сега размислуваат за својата иднина во земјата каде партијата на Ергдоган е решена да ги отстрани сите неистомисленици. Впрочем, тоа веќе го прави со апсењето на повеќе од 8.000 луѓе, вклучувајќи и 3.000 судии.

„Дефинитивно се чувствувам како малцинство“, вели Угур Заман, 24 годишен келнер во областа Тунали во Анкара, дел од централното подрачје на градот кое е познато по своите барови и ресторани, кои за време на викендот останаа затворени или речиси празни.
„Следбениците на Ердоган се како култ“, изјави Заман за ДВ. „Тие се свесни за својата моќ, а Ердоган ги охрабрува уште повеќе“.

Türkei Ankara AKP Anhänger Gebet nach Putschversuch
Фотографија: DW/D. Cupolo

Заминувањето како единствена опција

Заман ни објаснува дека е хомосексуалец и дека не практикува ни една религија. Ни кажа дека викендот го поминал разговарајќи со своите пријатели за тоа што би требало да стори следно. Многумина од нив веќе почнале да се пријавуваат за образовни програми надвор од земјата, одлучени да заминат во страв дека Турција полека станува сѐ помалку секуларна и демократска со еднопартиски модел на владеење.

„Порано мислев дека се движиме напред, но тоа беше пред десетина години“, изјави Заман. „Турција се промени. Има помалку слобода на говор. Не можеме да протестираме како што можевме порано, а сега сè повеќе размислувам за мојата безбедност, повеќе од се друго.“

Türkei Ankara Tunali Kellner Ugur Zaman
Угур ЗаманФотографија: DW/D. Cupolo

Луѓето кои не ја подрржуваат владејачката АКП или било која религиозна платформа се чувствуваат изоставени од политичкиот живот, гледајќи го развојот на настаните „од далеку“ без учество во кроењето на иднината на земјата.
На пример, Заман забележува дека неколку турски телекомуникациски оператори, како Турк Телеком, за време на викендот обезбедувале бесплатни повици, смс пораки и мобилен интернет за корисниците со цел да им олеснат помасовно да се организират на собирите за подршка на Владата. Од друга страна, за време на кризни моменти, како во случајот со терористичките напади, социјалните медиуми биле блокирани низ целата држава.

Türkei Ankara Tunali Graffiti Anti / Pro Islam
Фотографија: DW/D. Cupolo

Истото важи и за јавните услуги. За време на викендот, јавниот транспорт беше бесплатен во Истанбул и Анкара за да се овозможи масовна мобилизација на поддржувачите на АКП. Од друга страна, геј парадите, мировните собири и првомајските протести се забранети во последните години.

„Ја забранија геј парадата во Истанбул во последните две години, но кога некој сака да мафта со знамето на АКП, тогаш тие можат да го прават тоа колку сакаат“, вели Заман.

„Нова Турција“

По обидот за пуч, Ердоган ги повика своите следбеници да излезат на улиците, ветувајќи им „нова Турција“ откако ќе се пресметаат со противниците. Сцени од гневни групи луѓе кои напаѓаат па дури и линчуваат граѓани осомничени дека се организатори на пучот ги преполнија социјалните мрежи. Инциденти на насилство беа забележани и во населби во кои живеат малцинства, беа нападнати новинари, а кршени беа излозите на дуќаните кои не го истакнале турското знаме.

Зија Турфан, сопственикот на барот „Ла бебе ангара“ во областа Тунали, истакна знаме пред својот бар придружено со ликот на Мустафа Кемал Ататурк, основоположникот на модерна Турција, кој ја дистанцираше нацијата од исламското минато. Турфан кој се идентификува себеси како умерен муслиман, рече дека овој негов потег е поддршка за секуларноста на Уставот.

„Ердоган не е наш непријател, но не загрижува“, вели Турфан. „Го сакам Исламот, но не ми се допаѓа како се практикува сега. Религијата е многу опасно оружје и затоа Ататурк го одвои исламот од државата.“

Откако го затвори барот за време на викендот за да избегне можни напади, Турфан вели дека има проблем да им плати на своите вработени. Тој исто така се соочува и со намалување на туризмот во Турција. Дополнително, цените на алкохолот постојано се покачуваат и само во минатата недела цените пораснаа за 20 проценти. Поради тоа има проблем да ги задржи муштериите.

„АКП е привремена, но Турската република е вечна“, вели Турфан за ДВ. „Нашата држава ќе треба да ги плати долгорочните последици од постапките на АКП што на краток рок ја одржуваат на власт.“
Хасан Топуз, 36-годишен вработен во продавницата за вино „Дубонет“ исто така се чувствува загрозен по неуспешниот обид за пуч.
„Ја затворивме продавницата за време на викендот бидејќи многу муслимани со долги бради шетаа низ соседството“, објаснува Топуз и додава „многу се плашам.“

„Внук ми загина за ништо“

Чилем, 30 годишен службеник во училиште, кој одби да го сподели своето презиме поради безбедносни причини, го дели мислењето на Топуз откако бил сведок на насилни групи на луѓе кои слободно парадираат низ градот, без никаков полициски надзор.
„Вообичаено полицијата не штити, но не знам дали ќе не заштити и овојпат“, изјави тој за ДВ. „Има многу странци во моето соседство. Се плашам да одам по улиците бидејќи може да има терористички напад.“

Заман ни раскажа дека не планира да се врати во Турција ако успее да ја напушти. Тој додаде дека неговата загриженост не е само поради Ердоган, туку и поради неговите следбеници, особено „Муслиманската младина“ или адолесцентите кои се воспитани во рамки на исламските курикулуми кои беа воведени во последните 10 години.

„Дури и да го победиме Ердоган, ќе мораме да се соочиме со „Муслиманската младина. Ги има премногу, што значи дека нема надеж за нас.“