1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот се соочува со свој #MeToo-момент

Аида Софиќ-Салихбеговиќ
8 февруари 2021

Голема врева се крена откако српска актерка го обвини својот поранешен учител по глума за повеќекратно силување. Жените од Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина го креваат гласот. Балканското #MeToo-движење започна.

https://p.dw.com/p/3p3G6
Sarajevo | Gründering der Online Gruppe "I didn't ask for it" oder "Nisam trazila"
Основачките на онлајн групата „Не си го барав“: Матеа Маврак, Ана Тиквиќ, Асја Крсмановиќ, Надин Мичиќ (од л. кон д.)Фотографија: Privat

Годинава започна со скандал во Србија. Неколку жени го обвинија познатиот учител по глума и директор, Мирослав Мика – Алексиќ, за силување и сексуално злоставување. Сите му биле ученички во школата за глума, а, како што тврдат, најмалку една од нив била малолетна во времето кога се случило силувањето.

Милена Радуловиќ, 26-годишна српска актерка, беше првата која проговори јавно. Во интервју за српскиот магазин „Блиц“, објавено на 16 јануари, таа рече дека Алексиќ ја силувал уште кога била малолетна. „Во школата на Мика Алексиќ, кога ме силуваше, бев шест години. Имав само 17 години. И тоа не се случи само еднаш, туку повеќепати.“

Ова предизвика лавина реакции низ Западниот Балкан. И други жени, жртви на сексуално злоставување, не само во Србија, туку и во Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина го кренаа гласот против насилство, а многумина прозбореа и јавно, како Радуловиќ.

„Ова беше голема и храбра одлука, која е важна не само за овој специфичен случај, туку и за целото општество и регион,“ вели за ДВ, Сања Павловиќ, активистка од Женскиот автономен центар во Белград.

Повеќе:По исповедта на Милена Радуловиќ: Можеби таа досега молчела заради тебе

Покрената револуција

Оваа тема е се' уште најголемо табу во регионот и жените се' уште се срамат и се плашат да зборуваат за ова, објаснува таа. Многу од нив молчат. „Проблемот е што во целина, како општество, речиси и да не се справуваме со овој проблем. Имаме најслаби закони и најниско ниво на пријавени случаи поврзани со силување или сексуално злоставување. Ова признание покрена револуција“, вели Павловиќ.

Мала револуција започна и со Ана Тиквиќ, поранешна студентка на Академијата за сценски уметности во Сараево, која заедно со уште три колешки ја започна иницијативата „Nisam trazila“ (Не си го барав).

„Сметаме дека е крајно време да се подигне свеста за фактот дека сексуалното злоставување и мизогинија се навлезени во секоја пора од нашето општество“, вели Тиквиќ. Фан-страницата на Фејсбук достигна над 40.000 следбеници за само неколку недели и споделени над 4000 анонимни пораки со исповед за претрпрено сексуално насилство, од целиот регион.

„По 19 години молк, конечно проговорив. Преживеав сексуално злоставување како осумгодишно дете од член на семејството кој во тоа време имаше 16 години. Поминав многу часови психотерапија за да се осмелам да верувам во сопствената меморија и да не се убедувам себеси дека претерувам“, гласи една од многуте анонимни пораки објавени на страницата.

Russland Moskau | Schauspielerin Milena Radulovic
Лавината ја покрена младата српска актерка Милена РадуловиќФотографија: Sergei Karpukhin/dpa/picture alliance

Безбеден простор без осуда

„Сакаме да обезбедиме сигурен простор каде секој може да зборува слободно, без страв од осуда”, вели Тиквиќ за ДВ.

Таа вели дека стравот да се зборува слободно за сексуално насилство или да се покаже со прст кон сторителот е уште поголем бидејќи нема речиси никаква поддршка или разбирање од општеството.

Откако Радуловиќ ја сподели нејзината приказна „јавноста во Србија и регионот се однесуваа во стилот: ‘Си го барала, актерка е, што очекувала? Нормално е во професијата’”, вели Ана, Хрватка која живее во Сараево.

Затоа името на платформата на социјалните мрежи е „Не си го барав”. Ана и трите колешки не сакаат да вперат прст во никого или некоја конкретна институција. Тие се само лути на системот, кој, како што таа вели за ДВ, мора да биде променет. Иако сите имаат завршено на Сараевската академија за сценски уметности, каде еден од професорите сега се соочува со најмалку 16 пријави за сексуално малтретирање, кои уследија по обвинувањата на Радуловиќ во Србија, младите жени не сакаат да зборуваат дали и тие самите имале такво искуство на академијата. Но, велат дека сите почувствувале мизогинија на своја кожа во текот на животот. „Нема ниту една институција која е поштедена од таков скандал”, вели Ана Тиквиќ.

Стигмата на сексуалното насилство

Ниска доверба во јавните институции

Универзитетите, академиите за глума, парламентите и многу други институции во регионот преземаа први чекори за прекин или спречување на сексуално насилство, најчесто преку формирање совети каде студентите може да пријават каков било вид на сексуална злоупотреба или насилство.

Такви мерки беа преземени во Белград, Подгорица, Сараево и Загреб и многу други градови. Многу невладини организации, како и Европскиот парламентарен форум за сексуални и репродуктивни права, го следеа примерот со хаштагот #nisisama, односно „Не си сама”.

Се чини дека Милена Радуловиќ го обедини целиот регион. Но, патот што претстои е долг. „Има три до четири илјади пријави за случаи на домашно насилство во Србија годишно, но само околу 70 случаи за силување. Само 50% завршуваат со пресуда”, рече за ДВ Сања Павловиќ од Женскиот автономен центар во Белград, додавајќи дека затоа довербата во институциите е на екстремно ниско ниво.

Повеќе:

#MeToo: Случајот „Харви Вајнстин" - хроника на еден скандал

#MeToo - Кавга која се исплати!

Истата вечер кога беше објавено интервјуто со Милена Радуловиќ, властите реагираа и го уапсија Мика Алексиќ (69). Тој сега се соочува со осум обвиненија за силување сторени „во периодот од 2008 до 2020” и „седум нелегални сексуални чинови”, соопштија од Српското јавно обвинителство.

„Кога е во прашање пријавување на некој кој е на моќна позиција или ужива почит во општеството, жртвата се чуди: ‘Колку ќе ми се смета за важен или ќе биде сериозно сфатен мојот збор против неговиот?”, го појаснува Павловиќ за ДВ молчењето вообичаено за жртвите на силување и сексуална злоупотреба.

Женскиот автономен центар од неодамна добива зголемен број јавувања од жени кои пријавуваат сексуално насилство и Павловиќ тука забележува голема промена.

„Сега ќе биде полесно за сите жртви да се осмелат да пријават насилство, да зборуваат за тоа, можеби не јавно, но во нивните семејства или заедницата. Тоа е многу позитивно, но и голем тест за институциите. Ќе видиме како ќе се справуваме со проблемот”, вели Павловиќ.